Задоволен од резултатите во некои општини за кои тврди дека има големо зголемување на гласови, но тоа не се пресликало особено во скопските општини и други поголеми градови, лидерот на опозицијата Венко Филипче во неколку реда од обраќањето во Аеродром најави кадровски промени во партијата по вториот круг без прецизирање кој би настрадал.
-Овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Очигледно е дека е потребно, посебно во тие општини каде не го постигнавме посакуваниот резултат, да продолжиме со интензивна работа. После ланскиот тежок пораз, после интензивна работа оваа измината година и пол, сега овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период. Очигледно е дека е потребно, посебно во тие општини каде не го постигнавме посакуваниот резултат, да продолжиме со интензивна работа. Во тој контекст, најавувам политичко-кадровски промени во раководството по изборите, за што ќе бидете известени, изјави лидерот на опозицијата, Венко Филипче.
СДСМ на советничките избори по општините освои 126.066 гласови и повторно падна во апсолутниот број на гласови односно сега има за 26 илјади гласови помалку од ланските парламентарни или речиси двојно намалување од претходните локални избори 2021-ва кога стигнаа до 237 илјади гласови.
Денешната е прва најава за кадровски промени, а неколку дена по изборите оставка си даде претседателот на скопската градска организација на СДСМ Ѓорѓи Галетановски.
СДСМ како алтернатива на актуелната власт?!
Рибата смрди од главата, вели аналитичарот Благојче Атанасовски по најавените кадровски промени во СДСМ. Тој потенцира дека лидерот Филипче ќе менува луѓе кои самиот ги поставил, а партијата со него на чело остварила најлош резултат кој го нарекува под биолошки минимум за опстанок на се уште главната опозициска партија. Граѓаните во моментот не ја гледаат како моќна опозиција која може да се спротивстави на власта, вели Атанасовски.
-Граѓаните го поистоветуваат претседателот на СДСМ како октроирано, наметнато решение од пореаншениот премиер и претседател од СДСМ, Зоран Заев, и не гледаат автентичност во него и во неговите кадровски решенија, во неговата политика за да се поистовеат и гласаат со оваа политичка партија иако гледаме дека има голем пад во резултатот на владеачката ВМРО-ДПМНЕ во однос на лани. И покрај тоа што граѓаните, во наводници, „го казнија“ ВМРО-ДПМНЕ со 140 илјади гласови помалку во однос на минатите парламентарни избори, опозицијата предводена од претседателот на СДСМ не ја гледаат како алтернатива, ни рече аналитичарот Благојче Атанасовски.
Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ, освои 302 илјади гласови што е за 128 илјади гласови помалку од лани, но за 13 илјади гласови повеќе од претходните локални избори. Премиерот Мицкоски смета дека е голема победа и потврда на доброто владеење, а на прашање за реконструкција на владата- навестува, но не дава конкретен одговор.
-По локалните избори, се подготвуваме за партискиот конгрес кој ќе се одржи на 6-ти декември во Кавадарци. Ве повикувам да го следите со внимание, одговори Мицкоски.
Одговорите и одговорноста, политичките лидери ќе ги даваат после вториот круг кога ќе бидат познати сите победници, но и сите губитници.
Миомир Серафиновиќ
