Вториот круг од локални избори ќе се одржи наредната недела, а на листата за избор на градоначалници на општините во вториот круг се наоѓаат само 7 независни кандидати. Многу од независните кандидати кои се влезени во вториот круг претходно биле дел од некоја политичка структура, а некои од нив, сега се наоѓаат и во дуел со нивни поранешни сопартијци.
Милосим Војнески кој се пријави како независен кандидат за градоначалничките избори во Македонски Брод се повлече од вториот круг за да нема поделби. Тој потврди дека сепак ВМРО-ДПМНЕ е негова матична партија. Војнески влезе во вториот круг како независен кандидат, со само три гласа повеќе од Ивица Стојкоски од СДСМ.
Од својата шанса за градоначалничка фотелја се откажа и кандидатот за Општина Могила Сашо Пивковски, кој по првиот круг повика да не се подлегнува на притисоци, поткупи и закани. И Тој како Војнески преку статус на социјалната мрежа „Фејсбук“ призна дека ВМРО-ДПМНЕ е неговата матична партија и дека не сака поделеност меѓу граѓаните во општината.
И покрај откажувањата, Изборниот законик не препознава откажување на кандидат, па така имињата на двајцата повторно ќе се најдат на гласачкото ливче и во овие општини ќе има гласање.
Во Куманово во вториот круг за првпат СДСМ нема свој кандидат. За градоначалничко место ќе се борат актуелниот градоначалник Максим Димитриевски и независниот кандидат Горан Стојковски Диро, и двајцата претходно биле од редовите на СДСМ.
Во Дебар во вториот круг за избор на градоначалник се најде независниот кандидат Рамадан Имери кој ќе се бори против Фисник Мела од Вреди, зад себе го остави кандидатот на ДУИ, Илириан Фетаху кој не успеа да ги добие потребните гласови на вториот циклус на избор.
Во Кочани ќе се гласа меѓу сегашниот в.д. градоначалник Венко Крстевски и кандидатот на Коалицијата „Твоја Македонија“ Влатко Грозданов. Во Струга независниот Менди Ќура сега ќе биде поддржан од ВРЕДИ и ќе се обиде да го победи Арсим Далипи, кој е кандидат на Коалицијата предводена од ДУИ. Во Студеничани ќе се бира меѓу Азем Садики, актуелниот градоначалник кој беше избран од редовите од ДПА, а сега е независен кандидат и ќе се трка со кандидатот на ВРЕДИ Седат Бислими. Независните кандидати на советничките листи освоија 46.836 гласови, додека неважечки беа 50.143.
Tea Димковска
