Предупредувачки сирени и експлозии ги разбудија жителите на Киев. Украинската престолнина беше под бран руски напади од беспилотни летала и балистички ракети, за прв пат по нападите од 28 септември. Најмалку шест луѓе се убиени, а меѓу жртвите се мајка и нејзиното шестмесечно бебе и 12-годишната ќерка.
- „Се надевам дека војната ќе заврши што е можно поскоро и дека луѓето нема да страдаат како што страдавме ние денес“ – Тетјана Корниенко, жителка на Киев.
- „Сето ова не е важно, ќе биде обновено, но младите момци што умираат на фронтот, тоа е вистинската срамота“ – Богдан Романов, чистач на зграда.
- „Слушнавме гласна експлозија, а потоа стаклото почна да паѓа, а потоа сè беше зафатено од дожд и од оган, тоа беше насекаде. Беше многу страшно за децата, никогаш не помислив дека ова може да се случи во нашето соседство“ – Олена Бириукова, жителка на зградата.
Руските сили започнаа голем напад врз источниот украински град Харков. Уништена е градинка, погодени се неколку згради. Четириесет и осум деца беа евакуирани во засолниште по ударот што предизвика пожар. Двајца од четворицата хоспитализирани се во сериозна состојба.
Спасувачките екипи се бореа со пожарите обид да спасат што повеќе луѓе, но, за некои беше предоцна. Руските напади насочени кон енергетската инфраструктура предизвикаа прекин на електричната енергија.
- „Ова ми е седма година на дијализа. Ако нема третман, ќе умрам, нема да постојам. Електричната енергија ни е неопходна“, вели Зинаида Кот, пациентка во болница на дијализа.
Нападот се случи само еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп ја одложи планираната средба со рускиот лидер Владимир Путин, велејќи дека не сака таа да биде „губење време“.
- „Не, не. Не сакам да имам залуден состанок. Не сакам да губам време, па ќе видам што ќе се случи. Но, ги направивме сите овие, одлични договори, одлични мировни договори, договори, солидни договори, секој од нив. Но овој. И реков, одете на линијата. Одете на линијата на, борете се на линиите на бојното поле. И, се повлекувате и одете дома и сите земете малку одмор затоа што имате две земји кои се убиваат меѓусебно. Да, две земји губат од 5 до 7000 војници неделно. Па ќе видиме што ќе се случи. Всушност, сè уште не сме донеле одлука“ – Доналд Трамп, претседател на САД.
Кремљ е на ставот дека за средба е потреба сериозна подготовка, а Зеленски смета дека интересот на Русија за дипломатија речиси исчезнал.
- „Фронтот може да предизвика дипломатија. Наместо тоа, Русија продолжува да прави сè за да се оддалечи од дипломатијата, но и штом прашањето за можностите за долг дострел за Украина стана помалку итно, интересот на Русија за дипломатија речиси автоматски исчезна. Ова сигнализира дека токму ова прашање, прашањето за нашите можности за длабок удар може да го содржи неопходниот клуч за мир“ – Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Кремљ ги отфрли повиците за прекин на огнот по сегашните линии на фронтот упатени и од Трамп и од европските лидери, каде двете земји губат од 5 до 7000 војници неделно.
Билјана Ставрова
