М-НАВ и синдикатот на контролори на летање остануваат на дијаметрално спротивни ставови околу законитоста и основата за штрајкот кој требаше да се одржи во понеделникот, а за кој Граѓанскиот суд донесе времена забрана за одржување. Според правниот тим на М-НАВ, струковиот синдикат е нелегитимен субјект кога станува збор за организирање на штрајк, прескокнати биле сите законски процедури, вклучувајќи ја и медијацијата, а не биле наведени ниту барања од областа на законот за работни односи.
„Самото известување не содржеше никакви барања од работен однос, што е законска претпоставка. Известувањето доаѓа со прескокнување на една задолжителна постапка за задолжително помирување меѓу субјектите. И на крајот на денот станува збор за едно известување поднесено од нелигитимен субјект. Секој регистриран синдикат задолжително се запишува во регистарот на синдикати кој се води од надлежното министерство. Под реден бр. 65 во тој регистар е запишан Независниот синдикат за сообраќај и врски. Никаде не е запишана подружницата ССКЛ“, изјави Горан Николоски, адвокат застапник на М-НАВ.
Николовски е дециден дека најавениот штрајк не е продолжение на штрајкот од 2023 година како што тврди струковиот синдикат и дополнува дека пресудата се однесува само на штрајкот закажан за 20 октомври.
„Не станува збор дека М-НАВ побарал забрана за синдикално дејствување и забрана за сите идни штрајкови. Станува збор за конкретна најава за штрајк и станува збор за конкретно барање за забрана на конкретен штрајк. Вие во известувањето морате да кажете од таа спогодба што не е исполнето. Значи штрајкот не може да се организира како табула раса, како еден бел лист хартија, значи точно мора да биде определено, така е во закон – зошто штрајкувате, кои права ги барате и нивна заштита“, додава Николоски.
Од Струковиот синдикат сметаат дека самиот факт што раководството на М-НАВ разговара и преговара со нив е потврда дека имаат право да организираат штрајк, а тврдењата на адвокатот Николоски ги оценија како паушални.
„Вертикално, дали е тоа синдикат на работодавач, синдикатна гранка или Сојуз на синдикати имаат право да организираат или да повикаат на штрајк? – Така да, од тој аспект и ние имаме комплетно право во спротивно тогаш, ниеден синдикат во државава нема да може да повика на штрајк“, рече Александар Тасевски, претседател на ССКЛ.
Тасевски смета дека документот кој го презентираше адвокатот Николоски, односно известувањето за стапување на штрајк, не треба да ги содржи во детали неисполнетите точки од спогодбата по најавата за штрајк во 2023 година и процесот на медијација.
„Ако јас треба да го учам М-НАВ што е спроведено, а што не е, тогаш е навистина срамота. Тие добро знаат што реализирале, а што не. Од сите девет точки во спогодбата, три се реализирани, а шест не се“, посочи Тасевски.
Генералниот штрајк на Струковиот синдикат на контролори на летање ССКЛ и требаше да се одржи на 20 октомври, да трае пет часа од 10 до 15 часот, период во кој македонското небо требаше да биде затворено за сообраќај, а како причини беа наведени исплата за ноќна работа, подобрување на условите за работа, запирање на партиски вработувања, нови огласи за стручен кадар и ангажирање независна агенција за анализа на потребите.
Огнен Чанчаревиќ
Дигитална обработка: Т.Д.
