Судот во Бањска Бистрица му изрече 21-годишна казна затвор на Јурај Цинтула (72) кој лани пукаше во словачкиот премиер Роберт Фицо по што беше уапсен и обвинет за тероризам.
Инцидентот се случи во градот Хандлова, во централниот дел на земјата, каде Цинтула испука пет куршуми на оддалеченост од повеќе од метар од Фицо, додека премиерот се поздравуваше со луѓе.
Фицо беше погоден со четири куршуми. Веднаш беше префрлен во болница со тешки повреди на стомакот, колкот, рацете и стопалата. Цинтула во судскиот процес рече дека сакал да го повреди премиерот, но не и да го убие.
Цинтула има можност за жалба на пресудата пред Врховниот суд на Словачка.
С.Д.
