Шефицата за надворешни работи на Европската Унија, Каја Калас, денеска побара од блокот „да биде покреативен“ во справувањето со руската „флота во сенка“, која се користи за заобиколување на меѓународните санкции за нафта поврзани со војната во Украина.
Русија беше креативна во заобиколувањето на санкциите, рече таа, што бара и од ЕУ да постапи на ист начин, пренесе ДПА.
– Мора постојано да размислуваме што уште можеме да направиме, изјави Калас по пристигнувањето на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург.
Калас рече дека ЕУ постигнала голем напредок во ограничувањето на приходите на Москва од заобиколувањето на санкциите за извоз на руско гориво, но дека министрите ќе разговараат за координацијата на овие мерки.
Според работен документ подготвен за состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ денеска во Луксембург, се проценува дека флотата сега брои меѓу 600 и 1.400 танкери.
