Украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно се врати од Вашингтон со празни раце. Откако прво најави па потоа пак се предомисли Доналд Трамп одлучи да не им ги продаде на Украинците фамозните крстосувачки ракети „Томахавк“. Освен што им се потребни за сопствената одбрана, Трамп се согласи со Путин дека тоа ќе претставува голема ескалација.
Тие се многу можно оружје, но и многу опасно, а тоа може да значи ескалација, знаете, значи дека може да се случат многу лоши работи. „Томахавк“ ракетите се голема работа. Но, ќе кажам една работа, и ние ги сакаме исто така, не сакаме да даваме работи кои и нам ни се потребни да ја заштитуваме нашата држава, изјави трамп за време на средбата со зеленски.
Ден пред да се сретне со Зеленски во Белата куќа, Трамп уште еднаш телефонски разговараше со Путин. Задоволен од тоа што го слушна, американскиот претседател се согласи на уште една средба со Путин, овој пат во Будимпешта. Иако подоцна се обиде да го минимизира влијанието на шпекулациите за евентуалната достава на „Томахавки“ за Украина, дури и самиот Зеленски беше свесен дека тие се главната причина зошто Путин понуди средба после месеци без никаков напредок во мировниот процес.
Мислам дека Русија се плаши од „Томахавк“ ракетите, навистина се плаши затоа што знаат што друго имаме, какви други оружја имаме од нашето производство, и сфаќаат какви комбинации може да има со „Томахавк“. За тоа ние зборуваме, не ни се потребни самите ракети поради тоа што се, туку поради комбинациите. Од тие комбинации се уплашени, сфаќаат што ќе можеме да направиме, рече зеленски.
По средбата со Зеленски, која Трамп ја оцени како срдечна, ги повика и Русија и Украина веднаш да престанат со борбите долж моменталната линија на фронотот.
Треба веднаш да ја запрат војната. Одите по линијата на фронтот, инаку е многу комплицирано, никогаш нема да се договориме. Застануваме на линијата на фронтот, и двете страни си одат дома, кај своите семејства, престанува убивањето, и тоа е тоа. Застанете веднаш на фронтот. Му кажав на претседателот Зеленски, и му кажав и на претседателот Путин, порача американскиот претседател.
Со тоа се согласува и Зеленски, иако предупреди дека територијата е главната причина зошто Путин ја започна војната.
Мора да застанеме таму до каде што сме. Претседателот е во право, мораме да застанеме таму каде што сме. Важно е прво да застанеме а потоа да зборуваме, рече украинскиот претседател.
Трамп се надева да ја искористи добрата волја кај меѓународната заедница по примирјето кое го договори во Газа, за истото да го направи и со Русија и Украина. Но, исто така се надеваше и дека средбата во Алјаска ќе биде доволна да го убеди Путин да се согласи на примирје, но тоа не се случи иако се координираше со европските земји. И овој пат Москва не дава никакви сигнали дека е подготвена сериозно да седне на преговарачка маса а притисокот од Западот продолжува релативно лесно да го апсорбира.
Игор Трајков
