Европска Унија, обвинителство, наместо широки и чисти улици. Кампања за локални со државни теми.
Некогаш изборите значеа нова запалка, а традицијата остана меѓу гласачите.
-Ни побараа пенкала и запалки, работи кои ќе се потрошат. Наместо тоа ние им ја носиме идејата за македонскиот опстој, рече Страшо Ангеловски од МААК, по изборна средба на битолскиот пазар.
Сега главни теми беа некои кои немаат многу врска со целта на локалните избори – Европска Унија, судство и обвинителство, инвестиции и ДДВ, обврски на централната власт.
-Темите кои беа обработувани и воопшто кампањата на самиот почеток беше поврзана со локални проблеми, со локални политики, но понатаму низ текот на кампањата како да се наметнаа и определени теми кои многу повеќе се врзуваат за централната политика и за националната политика отколку за локалната. Ошигледно политичките елити оценија дека прашањата „каде државата општо се движи“ може да донесе или да одземе определен број на гласови. Така што, за жал и овојпат наместо фокусирање на локални проблеми и локални политики- кампањата прерасна во мегдан, во битка на власт против опозиција на централно ниво како и прашања поврзани со меѓуетничките односи, изјави за Телма, универзитетскиот професор по политологија на Правен Факултет „Јустинијана Прима“ во Скопје.
Темите ги диктираа лидерите на двете најголеми политички партии кои минатата година ги сменија позициите на политичката сцена. Оваа година е прв изборен лидерски дуел на Мицкоски и Филипче што предизвика и нови идеи за напад.
-И овие ваши лакеи ќе бидат сменети, а потоа ќе дојдат вистински обвинители и судии и Вие ќе одговарате, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Со Христијан Мицкоски, со неговите политики, Тирана стана главен центар на Балканот. А Скопје го направи депонија, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
-А најсмешен е нивниот претседател, не знам дали може да го наречам лидер. Кога така, лаконски и лесно ќе каже „Еве, ВМРО-ДПМНЕ од последните избори изгубило 100 илјади гласови“, рече Мицкоски.
-Мицкоски не е излезен од филмот на опозиција и година и пол по преземање на власта. Тоа е така зашто е неспособен, неодговрен и пред се разоткриен манипулант, рече Филипче.
-Локалните избори ќе претставуваат дополнително еден вид на тест каде што ќе се види како граѓаните го перципираат владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, ќе биде тест дали Социјал демократскиот сојуз на Македонија, по лошиот изборен резултат на ланските избори, почнува да се консолидира. Но, веројатно, најголем тест ќе биде во рамките на албанскиот политички блок, објаснува универзитетскиот професор Марко Кртолица.
За Кртолица, професор по политички науки и локална самоуправа, кампањата не покажа страст и возбуда, со ретки исклучоци и била многу бледа во однос на лани.
-Иако определени индивудуални кандидати успеаја да наметнат интересна понуда, во принцип, политичките партии во текот на оваа изборна кампања понудија неатрактивнна, би рекол на моменти и стерилна кампања. Кога ќе споредиме определени активности, определени слогани кои политичките партии ги избрале и ги споредиме истите со слогани и активности,да кажеме минатата година за парламентарните и претседателски избори- имам впечаток дека минатата година многу посодржајни и покреативни пораки и слогани беа испратени, вели Кртолица.
Кампањата завршува, гласовите ќе се пребројат во недела, а тогаш и граѓаните ќе пребројат дали добиле само пенкалца или и подобри владетели во своите општини.
Миомир Серафиновиќ
Дигитална обработка: Т.Д.
