На 19 ноември започнува судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. На обвинителна клупа во судницата во Идризово ќе седнат 34 луѓе, а се гонат и три фирми. Судијката Диана Груевска Илиевска ќе ја дели правдата. Од предметот се изземале судијките Тамара Витларова Смилевска и Илина Смичковска Илиевска, поради тоа што се познавале со дел од оштетените. Како втор член на судечкиот совет ќе постапува судијата Ахмед Идризи.
Родителите на жртвите соопштија дека со големо внимание ќе го следат судскиот процес со цел да се открие вистината и да се обезбеди правдата за младите животи што беа изгубени во трагедијата што засекогаш го промени нашето општество. Родителите најавија и дека ги прекинуваат секојдневните блокади, а продолжуваат со маршевите секоја сабота.
„Очекуваме фер, транспарентен и непристрасен процес во кој секој што има одговорност, ќе ја понесе. Нашата болка е вечна, но нашата борба е и за сите идни генерации, никогаш повеќе да не се повтори ваква трагедија. Бараме јавноста, медиумите и институциите да го следат овој процес со должно внимание, бидејќи ова не е само судење за еден пожар, ова е судење за човечноста, совеста и одговорноста“, порачаа родители на жртвите.
Обвинети се газдата на „Пулс“, Дејан Јованов Деко, неговиот син Михајло, неговиот брат Тодор, како и Митко Стојанов, директорот на фирмата ММММ Кафе на чие име била едната лиценца на дискотеката. Сопственикот на објектот, Гроздан Милковски, кој го дал под закуп објектот, Милка Едровска од „Венци проект“, која го изготвила проектот, иако знаела дека објектот не може да биде дискотека. Двајцата поранешни министри за економија, Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини, екс државната секретарка, Размена Чекиќ-Дуровиќ, и петмина службеници кои издале лиценци за „Пулс“, иако не ги задоволувала минималните-техничките услови.
Поранешните кочански градоначалници Ратко Димитровски, Николчо Илијев и Љупчо Папазов и тројца инспектори од општината кои требало да знаат дека дискотеката работи незаконски. Ексдиректорите на ДЗС, Шабан Салиу, Аднан Џаферовски, Беким Максути, Џеват Селами заедно со инспектор од оваа институција. Четворица службеници од Државниот пазарен инспекторат, бидејќи не изрекле забрана за вршење на дејност. Директорот на Рубикон, Јане Јанчевски и четворица вработени, бидејќи агенцијата ја обезбедувала дискотетката вечерта кога изби пожарот.
Минатиот месец обвинение беше поднесено и за вистинскиот сопственик на „Рубикон“, Александар Нацев, а откако ќе биде одобрено се очекува да се спои со овој предмет. Уште трае истрагата и за постапувањето на полициските службеници.
Бројката на жртви се искачи на 63 по смртта на фронтменот на ДНК, Владимир Блажев – Панчо. Над 200 луѓе беа повредени во пожарот на 16 март кој настана како резултат на користење на пиротехнички средства. Инаку, освен на 19 ноември, закажани се уште шест термини за рочишта.
Судијката Груевска Илиевска во јавноста е позната по судењето за случајот „Ласкарци“, одреден период судеше и на предметот „Поткуп“, беше дел од судечкиот совет за „Организатори на 27 април“.
Maрија Митевска
