Учениците од основното училиште „Вера Циривири Трена“ во општина Карпош веќе неколку дена следат настава без основни услови за работа – без парно греење. Според реакциите на загрижените родители до телевизија Телма, децата седат во студени училници, облечени со јакни, што сериозно влијае врз нивната концентрација и здравје. Проблемот, според извори на Телма, трае со денови и сè уште не е јасно кога ќе биде решеn, a причината за застојот во греењето ја поврзуваат со постојани прекини во снабдувањето со електрична енергија во објектот, поради што системот за греење не може да функционира. Иако училиштето го пријавило случајот и екипи биле испратени на терен, дефектот не е саниран. Од училиштето и родителите апелираат до надлежните институции итно да реагираат и да најдат трајно решение за проблемот, со цел на учениците да им се обезбедат основни услови за следење настава.
