Обвинителката Ленче Ристоска не конкурирала на вториот оглас за судија во Стразбур, затоа што смета постапката е правно манлива и ѝ недостасува правен легитимитет. За сите прекршувања и забелешки, меѓу кои и тоа дека огласот е објавен во изборен период, го известила Советот на Европа.
Ристоска денеска дојде на рочиште за „Талир 2“, еден од двата предмети што ги застапува, поврзани со партијата ВМРО-ДПМНЕ. Смета дека не е случајно тоа што листата со нејзиното име беше поништена, но и што премиерот на брифинг со новинари рече дека платата на претставникот на Европравда била висока.
„Кажав дека се неточни тврдењата на премиерот Мицкоски дека земам повисока плата. Јас, како и сите обвинители од скопското обвинителство, земам плата која што со закон ми е определена и со закон ми следува. И можам да кажам само дека ваквите тврдења кои што се изнесуваат за мене од страна на премиерот, доведени во корелација со листата што не е пратена во Стразбур, доколку се земе предвид фактот дека и одредени провладини медиуми шират клеветнички кампањи за мене во јавноста. Сето тоа во одреден контекст, не сметам дека е случајно, а дали постои анимозитет или не, тоа ќе треба да си го прашате претседателот на ВМРО-ДПМНЕ зошто тука сме за овој предмет“, изјави Ленче Ристоска.
Судењето за „Талир 2“ за седиштето и имотот на ВМРО-ДПМНЕ денеска почна од почеток по шест години, откако првпат предметот влезе во судница, но сега многу блиску до застарување. Рокот е август наредната година, до кога треба да има правосилна пресуда.
На почетокот судијката Даниела Алексовска Стојановска одлучи партиското седиште и останатиот замрзнат имот на партијата да остане под привремени мерки со кои се забранува продажба, но за разлика од претходно, партијата ќе може да го издава имотот, но без да ги користи парите.
Ова следува откако полномошниците на партијата претходно бараа целосно укинување на мерките. Образложението е дека нивното опстојување не е оправдано, пред сè, затоа што е поминат периот од речиси осум години и променети се многу околности. Обвинителката Ристоска беше против укинување и предложи мерката забрана за ставање под закуп да се замени со мерка со која партијата ќе може да го изнајмува имотот, но нема да може да располага со средствата кои ќе ги става на посебна сметка до конечна одлука.
„Тоа не беше наш предлог. Ние не сме предложиле такво нешто, туку, за жал, тоа беше некаква правна гимнастика од обвинителството врз основа на споредбено искуство од друго право, а не од нашето право и судот очигледно го удоволи тоа. Чекаме да ја добиеме одлуката во писмена форма за да можеме да ја обжалиме, затоа што, сепак, станува збор за имотот на политичката партија“, вели Ружица Николовска, полномошник на ВМРО-ДПМНЕ.
Предметот „Талир 2“ беше вратен од Апелација на почеток поради измените на КЗ, па во повтореното судење му се суди во отсуство само на екс премиерот Груевски.
Елена Ивановска Мукоска
