Неврологот и сега веќе поранешен директор, Игор Кузмановски работел без важечка лиценца, но користел факсимил издаден од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) уште во 2010 година, кога имал право на работа.
Фондот вели дека за да се издаде факсимил денес, установата мора да достави барање и важечка лиценца, заверена на нотар. Ова е дел од редовната процедура за склучување на договори со јавни и приватни здравствени установи. Во ноември во 2024 година, Фондот побарал електронско поврзување со Лекарската комора за автоматски пристап до сите активни лиценци, за да се спречат злоупотреби, но и по една година, одговор од Комората немало.
Според новите правила, здравствените установи сами треба да го пријавуваат статусот на лиценците. Случајот со Кузмановски покажува дека системот и понатаму има сериозни слабости.
„Факсимилот со број 712680, согласно евиденцијата на Фондот, е активен од 1 април во 2010 година, со еден прекин во април во 2018 година поради користење неплатено отсуство. Одобрението за издавање на овој факсимил е дадено врз основа на официјално доставен список на лекари вработени во здравствената установа, потврден и заверен од страна на ЈЗУ Универзитетска клиника за Неврологија – Скопје. Истиот е доставен согласно активниот договор од 2020 година со важност до 2028 година“, се наведува во соопштението на ФЗО.
По контроверзната видеоснимка со Кузмановски, Министерството за здравство најави засилени контроли врз здравствените работници. Министерот Азир Алиу рече дека се разгледува можност за воведување на токсиколошки тестови за медицинскиот персонал, со цел да се заштитат пациентите и да се зголеми одговорноста во системот.
„Имаме 12 работни групи кои работат на менување на законите од областа на здравството. Една од можностите коишто ќе се разгледаат е и член од законот за токсиколошка анализа на здравствените работници“, рече Азир Алиу министер за здравство.
Премиерот Христијан Мицкоски коментира дека Кузмановски има „импозантна биографија“, а моментите на слабост ги смета за негова приватна работа.
„Тоа што се случи, се случи (со директорот на Неврологија од видеото). Кога ќе ја видите биографијата на професорот, ќе дојдете до заклучок дека станува збор за импозантна биографија. Ретко има такви биографии и на Балканот. Тоа што имал моменти на слабост, претпоставувам дека тоа ќе го следи во текот на неговиот живот. И тоа е негова приватна работа. Тоа што можеше Владата да го направи, го направи“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
Пред четири дена на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како поранешниот директор на Неврологија, во чинија меша бела прашкаста материја. Кузмановски на својот Фејсбук профил се извини за постапката, наведувајќи дека се случила во момент на слабост и пред да го преземе управувањето со Клиниката.
Лекарската комора го разгледува случајот и прибираат информаци и документација од надлежните институции, по што ќе донесат одлуки и мерки. Министерството за здравство го разреши Кузмановски и на негово место го постави Јован Божиновски за в.д директор на Клиниката за Неврологија.
Симона Петровска
