Емотивни средби на најблиските роднини со своите сакани кои повеќе од две години минаа во заложништво на Хамас, пред конечно денеска да бидат ослободени. Во замена за ослободените 20 живи заложници, Израел ќе ослободи повеќе од 1700-тини лица приведени во Газа, голем дел од нив и малолетни, кои беа држени во затворите без обвиненија, какои 250 Палестински затвореници.
Херојски пречек на американскиот претседател Доналд Трамп во Израел и Кнесетот, како најзаслужен за ослободувањето на заложниците.
Израелските заложници беа ослободени во две поголеми организирани операции со посредство на Црвениот Крст. Најпрвин група од 7 заложници беа ослободени од Северна Газа, додека подоцна уште 13 заложници беа донесени од Јужна Газа.
Заложниците ги презедоа израелските одбранбени сили кои ги пренесоа во воените бази каде по извршениот медицински преглед, конечно дојде моментот кој секако најмногу го посакуваа – повторната средба со своите сакани.
„Мојот живот, мојот живот, ти си мојот живот, шампион, херој. Твоите сестри те очекуваат животу мој, како и Илана, твојата жена, животу мој“ – низ солзи зборуваше Еинав Зангаукер, мајка на заложникот Матан Зангаукер.
Како контраст, ослободувањето на палестинците, барем првично, беше без многу помпа и прослави. Тие со камиони од затворот Офер во Рамалах на окупираниот Западен Брег, беа пренесени подлабоко на палестинската територија.
На семејствата кои ги чекаа своите најблиски во овој град им било кажано да не ги поздравуваат со развиорени палестински знамиња или големи емотивни реакции.
Кон група луѓе кои ги чекале затворениците, израелските сили употребиле и солзавец и гумени куршуми да ги растераат.
Толпи луѓе подоцна ги пречекаа првите автобуси со ослободените Палестински затвореници во градот Бејтунија, каде поголем дел од нив и по неколку децении ќе може да се сретнат со своите сакани.
На денот кога во Израел се вратија сите живи заложници, во Ерусалим допатува и најголемиот сојузник на еврејската држава, американскиот претседател, Доналд Трамп.
Пречекан со стоечки овации во Кнесетот и изјави преполни со хиперболи и старозаветни компарации, израелските лидери како да се натпреваруваа кој повеќе ќе му се заблагодари на Трамп за политичката и воената помош на Израел.
„Г-дин Претседател, вие стоите пред народот на Израел, не како уште еден американски претседател, туку како џин на Еврејската историја. Еден за кој мора да се вратиме две и пол илјади години низ маглата на времето, за да направиме паралела, Кир Велики! Вие претседателе Доналд Џ. Трамп, сте џин кој ќе биде обожуван во пантеонот на историјата“ – изјави Амир Охана, спикер на Кнесетот.
„Г-дин Претседател, ве поздравуваме денеска да ви се заблагодариме за вашето клучно лидерство во правење на предлог кој беше поддржан од речиси целиот свет. Предлог, предлог кој ги врати нашите заложници дома. Предлог кој ја завршува војната преку остварувањето на сите наши цели. Доналд Трамп е најголемиот пријател кој државата Израел кога било го имала во Белата Куќа“ – додаде израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Во својот говор, Трамп возврати на комплиментите со сопствени хиперболи. Денешниот ден е како раѓањето на нова историска зора на Блискиот Исток, изјави Трамп.
„По толку многу години на војна која не запира и бескрајна опасност, денеска небата се мирни, оружјето е тивко, сирените не се слушаат и сонцето изгрева над светата земја која конечно има мир – земја и регион, кои ќе живеат, со божја помош, во мир за цела вечност“ – рече американскиот претседател, Доналд Трамп.
Говорот на Трамп често беше прекинуван со гласни овации и аплаузи, но еднаш и со повици да ја признае палестинската држава, по што двајцата пратеници во Кнесетот, од левичарската партија Хадаш, беа на брзина присилени да го напуштат Кнесетот, на задоволство на Трамп – кој кусо коментираше:
„Toa беше навистина ефикасно“.
Дали ова навистина е нов почеток во односите меѓу Израел и палестинците, останува да се види. Ослободувањето на заложниците е само првиот чекор, клучните проблеми за траен мир и натаму остануваат.
Но барем денеска, семејствата на заложниците и ослободените палестинци по подолго време можат да почувствуваат мир и среќа.
Никола Илиевски
