Оставање отисоци од четири прсти и скенирање на лицето од денеска ќе им се бара на граѓаните на Македонија, за влез во земјите од Европската унија – без Ирска и Кипар, но и во Швајцарија, Норвешка, Исланд и Лихтенштајн. 29 земји од Шенген зоната обврзани се во првите 30 дена од старот на Системот за влез и излез да го имплементираат на најмалку 10 проценти од своите гранични премини и со него да опфатат најмалку 10 проценти од патниците. Системот мора да биде применет на сите гранични премини во Шенген зоната и на сите патници кои транзитираат до 9 април 2026. Ставањето печат во пасош во земјите од Шенеген зоната ќе замине во историјата на 10 април.
Првите европски соседи на Македонија, Грција и Бугарија, Системот за влез и излез ќе го спроведат такашто Грција веднаш ќе го воведев на сите свои гранични премини, додека Бугарија со земање биометриски податоци на граничните премини кон Македонија од денеска го воведува на преминот Девебаир, додека на другите два гранични премини тоа ќе стартува до крајот на оваа и почетокот на идната година.
Податоците, односно отисоците и скенирањето на лицето, ќе се прави еднаш и ќе важи се до истек на пасошот со кој граѓаните се внесени во Системот за влез и излез на Шенген зоната. Биометриски податоци нема да се земаат од деца под 12 години. Македонските граѓани кои поседуваат пасош на држава од Шенген зоната нема да мора да се пријавуваат восистемот доколку патуваат со тој пасош.
Европската унија, воведувањето на Системот за влез и излез, ја образложи со цел на подобрување на безбедноста и спречувањето на измами на сите влезни точки на ЕУ.
- „Од сега, патниците кои не се од ЕУ ќе ги имаат своите податоци од пасошите и биометриските податоци, како и влезот и излезот, регистрирани на граничниот премин каде што тие за првпат влегле или излегле од ЕУ. Секој следен или подоцнежен влез или излез само ќе бара брз верификација бидејќи тие се веќе во системот. Да сумирам, побезбедно и побрзо патување на сите“, изјави Маркус Ламерт, портпарол на Европската комисија.
И додека е појасно како ќе се одвива процедурата на аеродромите, се уште не е докрај јасно како ќе течат процедурите на копнените гранични премини, особено во делот на тоа дали ќе се отвораат посебни ленти за возила и патници кои веќе се регистрирани во системот. Некои земји најавиле и употреба на мобилни скенери за патниците на автобусите, но се уште не е јасно како целосно ќе функционира тоа.
Фронтекс инаку уште минатата година ја изработи апликацијата „Патување во Европа“ за да го олесни спроведувањето на Системот за влез и излез, со која граѓаните од трети земји ќе можат предвремено да ги регистрираат во системот својот биометриски пасош и да остават своја фотографија, не повеќе од 72 часа пред патување или заминувањето од Шенген зоната. Сепак и патниците кои ќе ја искористат ваквата можност со предвремено аплицирање, ќе мора да остават отпечатоци од прсти кога ќе пристигнат на граничен премин.
Досега, како што објавија дел од светски медиуми, само Шведска потврдила дека ќе ја користи апликацијата на одредени гранични премини, вклучувајќи го и аеродромот Арланда, додека други четири земји, Португалија, Италија, Унгарија и Грција, пројавиле интерес за користење на апликацијата.
Тамара Грнчароска
Б.С.
