Вести Свет

Две години по нападите на Хамас – Газа во руини, Израел обвинет за геноцид

Две години по почетокот на најкрвавата фаза од повеќе деценискиот конфликт меѓу Израел и Палестинците, страдањата и уништувањата не запираат.

Ќе се остварат ли очекувањата за конечно завршување на ужасите? Едно е сигурно – ништо повеќе нема да биде исто. Ниту во Газа, ниту во Израел.

Во нападите на Хамас од 7-ми октомври 2023-тата година беа убиени 1200 лица, најголем дел од нив цивили а 251 беа земени во заложништво. Уште 48 лица  остануваат во заложништво на милитантите, а за најмалку 20 од нив се верува дека сѐ уште се живи.

Израелците, по две години војна, во сѐ поголем број бараат договор за ослободување на заложниците. Според анкетите, околу 70% од граѓаните на еврејската држава бараат итно враќање на заложниците, но веќе не веруваат дека тоа ќе го направи Нетанјаху. Спасот го гледаат во американскиот претседател Трамп.

„Денеска сме тука во сеќавањето на сите израелци и други државјани кои беа убиени на тој ден од Хамас и повикуваме на враќање на сите заложници и завршување на војната во Газа. Го повикуваме целиот свет и Претседателот Трамп да го овозможат овој договор“ – изјави активистката Ципи Хаитковски на еден од протестите на кои се бараше итно ослободување на заложниците.

„За Претседателот Трамп, вие сте тој кој сега може да ги донесе дома, ве молам направете го тоа“ – додава Замир Хаими, чичко на еден од заложниците на Хамас.

Настани во сеќавање на жртвите во нападите на Хамас се одржаа во Тел Авив, Ерусалим, сите израелски градови.

На местото каде се одржа музичкиот фестивал Нова, беа убиени речиси 400-тини, претежно млади лица,  нивните најблиски минуваа покрај фотографиите од жртвите, прегрнувајќи се, споделувајќи ја болката од загубата. Но и прашањето – како можеше нападот да се случи?

Живееме со ова секојдневно, без одговори, тоа најмногу не боли. Немаме идеја за тоа што се случи и сето ова време баравме информации за настаните од тој ден и сѐ уште немаме одговор“ – вели Јехуда Рахмани, татко на убиената полицајка Шарон Рахмани.

Израел под водство на екстремно десничарската влада на Бенјамин Нетанјаху ги искористи нападите на Хамас како повод за страотната воена офанзива во појасот Газа, чиј цел, според огромен дел од релевантната стручна јавност е очигледна – етничко чистење и геноцид врз Палестинците.

Повеќе од 67 00 Палестинци се убиени, најголем дел од нив цивили. Меѓу 18 и 20 000 од жртвите се деца. Речиси 90% од објектите во Газа се уништени или срамнети со земја. Основни училишта, факултети, болници и клиники, џамии, и станбени објекти.

Израелската војска се правда- нив ги користеше Хамас за свои цели. Со помош на снимки од вселената, УНОСАТ, сателитскиот центар на ООН, тврди дека најмалку 102 067 објекти во Газа се уништени.

Огромен дел од населението беше принудено повеќе пати да се раселува и живее во шатори во импровизирани бегалски кампови во само мал дел од Газа, кој Израел го прогласи за безбедна зона.

Заради израелската блокада, луѓето немаат пристап до храна, вода, медицинска помош, без функционални санитетски системи и хигиена. Во обид да спаси нешто од својот имиџ во светската јавност, Израел строго контролирано кусо дозволи влез на странски медиуми во Газа.

Но новинарите и камерите на дроновите само ги потврдија апокалиптичните снимки претходно достапни на социјалните мрежи – цели градови, населби, села, срамнети со земја.

„Ова е Накба (катастрофа), смрт, уништување, глад, изолација, раселување. Нашите семејства беа убиени, нашите куќи се уништени. Му се молиме на бога дека оваа војна ќе заврши што е можно побргу, денеска наместо вчера“ – изјави палестинката Санаа Адван.

Од првиот ден има убиства, раселување, уништување и измачување. Бомбардирање на болници, убиство на поединци, на деца, возрасни лица и жени. Уништување на болници, уништување на домови полни со луѓе. Некогаш не ги најдовме телата а некогаш ги најдовме под урнатините“ – додава Авад Ебеид, вработен во брзата помош.

Страотното уништување во Газа, под изговор дека се бори против Хамас, владата на Нетанјаху го спроведе со огромна воена помош од своите западни сојузници, пред сѐ најлојалниот сојузник – Соединетите американски држави. Администрациите на Бајден и Трамп досега обезбедиле воена помош за Израел во износ од речиси 22 милијарди долари.

Под притисок на јавноста во своите држави, повеќе држави во светот, кои безрезервно го поддржуваа Израел, во последно време се обидуваат да го прилагодат курсот. Франција, Велика Британија, Канада, Австралија и други земји ја признаа палестинската држава.

Стотици илјади луѓе излегоа на улиците на поголем број градови ширум светот, во поддршка на палестинците.

Има многу работи кои владата на Холандија може да ги направи. Една од работите е да престане да доставува оружје за Израел, да престане да купува оружје од Израел. Ние сме најголем трговски партнер на Израел, може многу да се направи, и секако санкции. Имаме само два министри на листа за санкции. Треба да има повеќе. Сите кои се политички и воено одговорни треба да бидат санкционирани“ – вели Томас ван Гул, организатор на протест во Амстердам.

Во обид да ја прекинат блокадата на Газа и да го свртат вниманието на светската јавност на страдањата на Палестинците, меѓународна флотила бродови и чамци се обиде да достави симболична помош во храна до градот Газа. Израелските сили ја запреа флотилата, ги уапсија активистите и ги депортираа. Се раширија и повеќе сведоштва за малтретирањето на кое биле изложени овие луѓе во израелскиот притвор, особено познатата климатска активистка, Грета Тунберг.

Откако беше депортирана во Атина, таа одби да говори за себе и апелираше до совеста на меѓународната заедница, за запирање на ужасот во Газа.

„Јас би можела да зборувам долго, долго време за малтретирањето и злоупотребите во притворот, верувајте ми, но тоа не е приказната. Тоа што се случи е дека Израел, додека продолжува да го влошува и ескалира геноцидот и масовното уништување со геноцидни намери, обидувајќи се да уништи цело население, цела нација пред нашите очи, тие повторно го прекршија меѓународното право со спречувањето на влезот на хуманитарната помош во Газа, додека луѓето се изгладнуваат“ – рече Грета Тунберг по депортирањето во Грција.

Запирањето на крвопролевањата е само првиот чекор кон мирот. Но за Палестинците во Газа и за семејствата на израелските заложници, во моментов ништо не е поважно.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Потврден случај на „Денга треска“ кај 42-годишен маж од Бангладеш

Дејан Дејан

Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ со анализа за земјотресот во Венецуела – Земјотресите не можат да се предвидат, но последиците можат да се намалат

Дејан Дејан

СДСМ: Две години Тошковски на чело на МВР – Распад на безбедносниот систем, партизација и заштита на криминалци

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе