По откриениот случај на физичко и психичко насилство врз стари лица во два приватни дома во Скопје, Министерството за социјална политика најави зачестени инспекциски контроли и построги санкции за сите установи кои ги прекршуваат законите и стандардите за згрижување.
„Една од социјалните политики на министерството е гарантирање на достоинствен живот на старите лица, при што се најавуваат зачестени контроли и санкции за сите оние субјекти кои нема да го почитуваат законот и ќе го доведат во прашање здравјето на сместените стари лица“, соопштија од Министерство за труд и социјална политика.
Од Министерството потврдија дека последната контрола во домовите на улиците „Рудо“ и „Козара“ била спроведена по вонредна претставка од граѓанин на 25 јули годинава. Оттаму појаснуваат дека токму од таа претставка произлегла координирана акција со МВР, другите инспекциски служби и Обвинителството, со која се откриле тешките злоупотреби.
На претходните редовни контроли биле констатирани неправилности, но по донесеното решение од инспекторот, управителите на домовите ги отстраниле забелешките во предвидениот рок, па домовите продолжиле со работа.
Во домовите во Бутел и Центар, според истрагата, старите лица трпеле физичко и психичко насилство, спиеле по двајца на еден кревет, добивале храна со изминат рок и лекови без лекарски рецепт.
Двете осомничени управителки се во притвор, а установите се затворени. На сите згрижени лица им е направен лекарски преглед, а со координација на надлежните органи им е обезбедено ново сместување.
Тамара Марковска
