Вести Македонија Најважни

Иредентистичките скандирања не стигнаа до ушите на политичарите

Уште еден спортски натпревар во земјава помина со скандирања, пароли, казниви според законот. Откако во Куманово во саботата на кошаркарски натпревар се извикуваа пароли со говор на омраза против Албанците, на вчерашниот натпревар на фудбалскиот клуб Шкендија во квалификациите на Лигата на шампионите се скандираа иредентистички пароли против Македонија.

Од СВР Скопје за Телма информираат дека го обезбедиле снимениот материјал од синоќешниот натпревар и оти се преземаат мерки против сторителите во координација со јавен обвинител. За инцидентот од саботата веќе се најавени кривични пријави против сторителите.

Инаку, освен несоодветниот речник, казнив со закон, двата натпревара се идентични и по тоа што на нив како публика присуствуваа високи државни и партиски претставници кои не ги слушнале скандирањата. На вчерашниот натпревар присуствувале, претседателот на собранието, Африм Гаши, вицепремиерот Изет Меџити, министерот за економија, Бесар Дурмиши, како и лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Претседателот на собранието Африм Гаши, за Телма изјави дека не го слушнал скандирањето, иако освен од навивачката група „Балисти“, иредентистичките пароли биле извикувани и од другиот дел од публиката. Гаши притоа вели дека доколку имало нешто такво, го осудува како што го осуди скандирањето во Куманово. Тој, пак, претходно на Фејсбук ги пофали навивачите за навивањето.

„Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствен пример и за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот“, напиша Гаши на Фејсбук.

До моментов од политичарите од албанскиот политички блок во земјава нема реакција за синоќешните иредентистички скандирања. Кај дел од нив на нивните фејсбук профили можат да се прочитаат осуди за скандирањата во Куманово, но и лични апели пред натпреварот до албанските навивачи да покажат дека на навреда не се враќа со навреда, но ни збор со осуда потоа. Реакција нема ниту од клубот Шкендија, на чиј фејсбук профил навивачите беа пофалени со зборовите „со вас секој предизвик е можен“. Реакција не стигна ниту од политичките партии, ни од власта, ни од опозицијата, кои два дена порано реагираа за говорот на омраза.

Реакција за вчерашнотот скандирање на натпреварот на Шкенидија стигна од Хелсиншкиот комитет за човекови права, од каде освен изразување на загриженост за националистички скандирања на натпревари кои можат да поттикнат меѓуетнички подделби, тие повторно ги повикаа политичарите да интервенираат да се спречи тоа.

„Осудата на говорот на омраза од страна на политичарите е еден од клучните фактори против ширењето на оваа појава, бидејќи говорот на омраза произведува уште повеќе говор на омраза, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза“, наведуваат од Хелсиншки комитет за човекови права.

Од таму ги повикаа надлежните институции итно да постапат по ваквите испади, без селективна примена на законите, во зависност од етничката или политичката припадност на сторителите, што според Хелсиншкиот комитет е неприфатливо и дополнително ја нарушува довербата на граѓаните во институциите.

И додека се чека да се види колку од навивачите кои вчера беа на градскиот стадион во Скопје ќе бидат повикани на службен разговор од полицијата и за колку од нив ќе биде поднесена кривична пријава за кривични дела против државата, по кошаркарскиот натпревар во Куманово веќе се идентификувани сторителите на кривичнотот дело „говор на омраза“. Од полицијата најавија мерки против нив, вклучително и кривични постапки, но од Јавното обвинителството за Телма информираат дека до нив сè уште не стигнала пријава од МВР за сторителите.

Телма побара информација од кумановската полиција во чија надлежност е случајот со говорот на омраза, дали и за колку лица е поднесена кривична пријава, од таму информираат дека нема нови информации за случајот и оти се уште се работи на негово расчистување.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Андоновски: Со „Везилка“ уште ова лето ќе се видат првите резултати од заштитата на македонскиот јазик во дигиталниот простор

Дејан Дејан

Максим Димитриевски за владината реконструкција: Сите опции се на маса

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе