Собраниската комисија за избори и именувања за утре ја закажа седницата на која ќе треба да избере кандидат за нов народен правобранител по заминувањето на Насер Зибери на половина мандат поради исполнување на условите за старосна пензија.
Претседателот на комисијата Ѓорѓија Сајкоски ни рече дека според досегашните информации вкупно 16 кандидати се пријавиле за функцијата. Сајкоски ни рече дека прво ќе се проверат биографиите на кандидатите за да се утврди колку од нив ги исполнуваат условите по што комисијата ќе пристапи кон избор. Доколку биде утврден предлогот за народен правобранител ќе побара итна собраниска седница уште истиот ден за да се финализира изборот.
За избор на народен правобранител потребно е квалификувано мнозинство односно најмалку 61 пратеник да гласа за кандидатот, но потребно е и бадинтерово мнозинство односно најмалку 20 од вкупно 39 пратеници од етничките заедници треба да го поддржат и гласаат за предложениот кандидат за нов правобранител. Во делот со бадинтерово мнозинство, владеачката коалиција нема нема мнозинство односно има само 14 пратеници додека мнозинството од 21 пратеник го има Европскиот фронт заедно со Алијансата за Албанците на Таравар.
Од Собранието ни потврдија дека во текот на денешниот ден е примена уште една 17-та кандидатура за нов омбудсман. Според досегашните сознанија меѓу кандидатите е и актуелниот заменик народен правобранител кој со овластување од пензионираниот Зибери ја извршува функција, како и уште двајца заменици-правобранители, поранешен државен секретар во Министерството за правда, член на комисијата за помилување на претседателката Силјановска и еден вработен во кабинетот на спикерот Африм Гаши.
Миомир Серафиновиќ
