Мерките против растот на цените досега требаше да се донесат, да бидат континуирани и да не им се остава простор на трговците, велат од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Вчера, министерот за економија Дурмиши рече дека се чека да помине и јули, па потоа ќе се види дали има потреба од тоа. Тој кажа и дека по завршување на мерките, нормално е и за очекување да има раст на цените. Од ССМ, пак, сметаат дека тоа е неоправдано.
„Жалосно е што и покрај тоа што вредноста на синдикалната минимална кошничка покажува дека делот за храна и пијалоци во овие месеци кога нема мерки е зголемена за најмалку 10 проценти, на експертите им е потребно да видат дали цените се зголемуваат како да не пазарат по супермаркетите. И мерките на Владата кои беа на сила во изминатиот период покажаа дека и тоа како за повеќе од 10 проценти се зголемуваат неоправдано цените на сите производи. Како може тогаш да работат со најмногу 10 проценти маржа, а денеска таа маржа да изнесува далеку повеќе“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на Сојузот на синдикати на Македонија.
Министерот Дурмиши рече и дека наредната недела планот е да има и нова средба меѓу синдикатите, Владата и работодавачите. Кога точно, нема информација. Освен за мерки, ќе се разговара и за новата кошничка која владата ја скрои по изнесените забелешки дека во онаа на ССМ има спорни работи.
Ќе се разговара и за оние новите пет, за пензионери, за млади брачни парови, за три и четиричлено семејство и за самци, кои пред неколку дена ги најави премиерот Мицкоски.
Според последните податоци на ССМ, на едно четиричлено семејство за да го истурка месецот му се потребни 65.000 денари. Најмногу пари од домашниот буџет одат за храна. Статистика, пак, последно измери инфлација од 4,5 отсто во јуни годинава во споредба со јуни лани.
Проблемите со цените се провлекуваат веќе подолго време и се очекуваше да завршат со законот за нефер трговија. Но, сега се најавија долгорочна стратегија за зголемување на домашното производство и намалување на увозот.
Ирена Чачкова
