Вести Економија Свет Топ вести

Европската централна банка ги задржа каматните стапки првпат по една година

Европската централна банка ги потврди важечките каматни стапки во еврозоната, означувајќи пауза во намалувањето на трошоците за задолжување, со предупредување дека нарушувањата во светските синџири на снабдување би можеле да ги ограничат производните капацитети на компаниите и да ја поттикнат инфлацијата.

Каматната стапка за рефинансирање на банките и понатаму ќе изнесува 2,15 проценти, а каматната стапка на прекуноќните депозити на банките 2,0 проценти. За прекуноќни заеми, комерцијалните банки и во иднина ќе плаќаат камата од 2,4 проценти, се наведува во соопштението на ЕЦБ.

Инфлацијата во еврозоната благо зајакна во јуни, на два проценти, што сигнализира стабилен раст на цените, според дефиницијата на ЕЦБ. Храната и услугите значително поскапеа, со благо опаѓање на цените на енергијата, утврди европскиот завод за статистика.

Притисоците врз цените дополнително ослабнаа, заклучи Управниот одбор на ЕЦБ, истакнувајќи го и поблагиот раст на платите.

Инфлацијата би требало да изнесува во просек два проценти и во целата 2025 година, прогнозираше ЕЦБ во јуни.  Eвропскаta валута досега покажа дека е отпорна на „предизвикувачката глобална средина“, заклучија тие, предупредувајќи сепак на континуирана „исклучителна неизвесност“, првенствено поради трговските спорови.

Растот на економската активност ги надмина очекувањата во првиот квартал, делумно и затоа што компаниите ги забрзаа испораките во очекување на повисоки царини, но и затоа што зајакна потрошувачката на домаќинствата.

И компаниите повеќе инвестираа на почетокот на годината, но сега се двоумат поради зголемените царини и очекувањата дека ќе бидат зголемени, стои во соопштението од седницата на ЕЦБ.

Инвестициите ги попречуваат и посилното евро и геополитичката неизвесност, се додава.

Поблагите услови за финансирање ја поддржуваат домашната побарувачка, вклучувајќи го и пазарот на недвижности, а економскиот раст со текот на времето би требало да го поттикнат и зајакнатите државни инвестиции во одбраната и инфраструктурата.

Клучно е итно да се зајакне еврозоната и економијата во актуелната геополитичка средина, се нагласува и се порачува дека владите треба да поддржат мерки кои ја зајакнуваат продуктивноста, конкурентноста и отпорноста.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Обединетите Нации со повик за помош на погодените во Венецуела

Дејан Дејан

Ќе возвратиме жестоко на американскиот напад – иранската револуционерна гарда се закани со брз и решителен одговор

Дејан Дејан

САД го нападнаа Иран како одговор на нападот врз комерцијален товарен брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе