Потребни се нови локации, а не мерки за пад на цените на становите. Ова е ставот на дел од градежниците по вчерашната изјава на гувернерот Славевски дека со посебни механизми се планира да се делува на пазарот на недвижности за да има поевтинување на квадратот. Препорачуваат каква одлука и да се носи, претходно да бидат консултирани сите засегнати страни за да не настанат проблеми.
Најдобра опција е сите засегнати страни да бидат на една маса, за да се изгради заедничка стратегија. Затоа што било каква одлука која би се донела еднострана е нефункционална, затоа што прво треба да ги детектираме реалните состојби. реалните состојби за тоа што се нуди на пазарот и што е причината за таа цена, изјави Ивица Јакимовски од градежна комора
Причината за цените ја лоцираат во тоа што нема нови локации за градба со кои би се зголемила понудата, па поради тоа во моментов висината на квадратот ја диктираат половните, а не новите станови.
Единствен механизам е само понуда. Значи во дадената ситуација да се направи стратегија во која насока и каде е возможно да се понуди поголема количина на недвижности со која што ќе може да се постави фиксна ценам, која што таа цена ќе направи баланс на пазарот. Ние сега ако имаме локација не треба да биде тоа на Плоштад Македонија него треба да биде локација која што ќе има добра комуникација и во која што секој би финансирал, а да бидат по повластени цени, додава Јакимовски
Гувернерот Славевски вчера кажа дека состојбата со цените на недвижностите особено на становите е загрижувачка и најави мерки за стабилизација, но не откри за што точно станува збор.
Од градежниот сектор тврдат и дека се соочуваат со недостаток на кадар. Нема инженери, градежни работници и се останато и тоа дополнително прави проблеми.
Според, анализите на НБРМ во првиот и вториот квартал цената на становите пораснала за околу 20 отсто. Ваквата состојба трае веќе подолго време. На одредени локации во Скопје цената за квадрат достигна и до речиси 3.000 евра.
Ирена Чачкова
