Ќе се носат мерки за стабилизација на цените на становите. Гувернерот на Народната банка е загрижен за шпекулативните потези на пазарот. Според податоците и во првиот и вториот квартал од годинава, цените на становите се зголемиле за околу 20 отсто. Во моментов се прават анализи за да се видат причините. Но, Славевски најави мерки со кои ќе делува, без да открие за што точно станува збор.
„Во моментов вршиме сериозни анализи за растот на цените на недвижностите, особено на становите и тука подготвуваме некој мерки за кои што ќе бидете информирани во иднина, затоа што според оние мерења ја знаете веќе последната цифра за растот на цените на становите и тоа е веќе причина за загриженост“, изјави гувернерот на Народната банка.
Народната банка засега не планира мерки за сузбивање на инфлацијата. Славевски тврди дека станува збор за моментално поскапување и очекува стабилизација. Но, уверува дека состојбата се следи.
Најави дека од 1 август, НБРМ ќе ги намали надоместоците кои ги наплаќа од деловните банки. Очекува и тие да ги поевтинат банкарските услуги за граѓаните и за компаниите.
„Одлуката стапува на сила на 1 август, по што очекуваме дека банките ќе покажат разбирање за јавниот интерес и за придобивките за економијата во целина од лесно достапните и евтини платежни услуги во државата“, додава Славевски.
Во меѓувреме, дел од банките веќе испратија известувања до граѓаните дека во наредниот период ќе поскапат некои од услугите. Славевски вели дека најверојатно овие одлуки биле донесени претходно и дека сега ќе бидат фер и ќе ги корегираат тарифите. Рок до кој треба да ги поевтинат услугите нема, но ако не го сторат тоа, Славевски тврди дека НБРМ има механизми како да делува.
Пред извесно време, гувернерот Славевски беше на состанок со банкарите од кои побара да ги поевтинат услугите за граѓаните и компаниите. Според податоците на НБРМ, во првите три месеци од годинава банките оствариле профит од над 70 милиони евра. Само од провизии собрале 44 милиони евра.
Ирена Чачкова
