Стартуваше изградбата на гасниот интерконектор со Грција во должина од 66,7 километри на потегот од Гевгелија до Неготино. Интерконекторот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност да се зголеми до 3 милијарди кубни метри.
Вредноста на изградбата на проектот, што стартуваше денеска, е околу 3,7 милијарди денари (60 милиони евра). Средствата се обезбедени со два заема, еден од Европската инвестициска банка (ЕИБ) во износ од 28,9 милиони евра и друг од ЕБОР во износ од 45 милиони евра како и инвестициски грант од 12,5 милиони евра преку ИПА инструментот на Европската Унија.
Дополнително, преку CONNECTA програмата на ЕУ беше обезбедена и техничка помош за изработка на потребните студии, проектна документација и тендерска документација.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека преку реализацијата на овој проект, како и најавените поврзувања со гасоводните системи на останати наши соседи, нашата земја станува значајна енергетска крстосница, поради што очекува дека ќе донесе конкретни придобивки за целиот регион, а, пред сè, за македонските граѓани и домашната економија.
Тој нагласи дека овој гасоводен интерконектор со Грција ќе донесе нови извори на природен гас, стабилно снабдување за индустријата и домаќинствата, пониски цени за граѓаните, поголема конкурентност за компаниите.
„И една силна порака – државава конечно станува дел од европската енергетска мрежа. Ќе изградиме 66,7 километри гасовод на македонска територија, со цевки со дијаметар од 700 милиметри. Почетниот капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно ќе може да се зголеми до 3 милијарди. Тоа е енергија за раст. Тоа е гориво за економијата. Тоа е безбедност за иднината. Вкупната вредност на проектот е околу 3,7 милијарди денари, или 60 милиони евра. Со поддршка на овој проект од Европската инвестициска банка, со Европската банка за обнова и со Европската Унија покажуваме дека можеме да направиме многу повеќе“, додаде Мицкоски.
Притоа подвлече дека тоа значи дека државава повеќе нема да биде на крајот од мрежата, туку во срцето на регионалниот енергетски тек.
„Зашто тоа е нашата работа, да ја изградиме таа иднина. Ние сме тука да градиме нешто подобро. Ги засукавме ракавите, ја презедовме одговорноста и почнавме да ги поставуваме темелите.
Темели на нови патишта и автопати. Темели на нови инвестиции и индустриски зони. Темели на нови болници и училишта. Темели на нова енергетска архитектура. Денес, повторно покажуваме: дека не стоиме, се движиме. Не чекаме– градиме. Создаваме нови можности. Ги градиме темелите на промемите. Затоа, ова не е крај – ова е почеток на нешто поголемо. Ова е почетокот на новата енергетска иднина на Македонија“, нагласи Мицкоски.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, порача дека партнерствата со пријателите и соседите се докажувaат дека се многу поважни од бирократски и политички маневри.
„Оваа регионална соработка ќе овозможи независност и снабдување со енергенси во регионот“, рече Агилер.
Истакна дека овој проект е стратешка инвестиција во безбедноста, просперитетот и суверенитетот, го зајакнува економскиот развој и е заложба за стабилна безбедна и одржлива иднина во однос на енергетиката, не само за двете соседни земји, туку и за целиот регион.
Задоволство изрази и Софија Филипиду, амбасадорка на Грција, која рече дека овој важен стратешки проект обезбедува регионална енергетска безбедност, европска енергетска безбедност, енергија и поврзаност помеѓу двете држави.
Амбасадорот на Европската унија, Михалис Рокас, пак, рече дека оваа клучна инфраструктура, ќе придонесе за приближување до трите цели на Европската Унија, безбедност, одржливост и конкурентност.
„Гасот е гориво што ќе ни помогне да ја намалиме употребата на јаглен и да ги намалиме јаглеродните емисии“, подвлече Рокас и дополни дека ќе се стимулира економски раст.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска истакна дека ќе добиеме современ гасовод, подготвен и за идниот транспорт на зелен водород, со можност за двојно зголемување на капацитетот. Тоа, посочи, значи енергетска стабилност за домаќинствата и конкурентност за македонската индустрија. Испраќаме јасна и гласна порака: Македонија повеќе не е заложник на енергетска зависност и инфраструктурна изолација. Соопшти и дека се финализираат активности за гасна поврзаност и со Србија.
„Во завршна фаза е изработката на техничката документација, по што ќе следи и изработка на проектот за изградба. Овие два клучни интерконектори – со Грција и со Србија – се поддржани од Европската комисија, и се вклучени во Акцискиот план на ЕУСАИР (Јадранско-Јонска стратегија за регионално поврзување)“, појасни министерката Божиновска.
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, рече дека не славиме само почеток на изградба на интерконекторот тукуи почеток на едно ново поглавје кое обезбедува посигурна, поздрава и поодговорна иднина на нашата земја.
Мухамед Елмази, извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, рече дека е ова капитален и стратешки значаен проект, изразувајќи благодарност до Европската Унија.
Преку овој проект ќе се обезбеди поефикасно балансирање на понудата и побарувачката на природен гас. Ќе се унапреди конкурентноста на пазарот и ќе се создаде пофлексибилен систем, што ќе биде подготвен да одговори на идните енергетски предизвици.
Тој истакна дека со ова се прави значаен чекор напред, се зајакнува енергетската безбедност.
Бјорн Габриел, претставник на Европската инвестициска банка, што го поддржува овој проект, се осврна на активностите што ги поддржуваат од областа на здравјето, образованието и други, со голем придонес за заедницата.
„Ние ќе им помогнеме на нашите македонски партнери да ги искористат најдоброто и да ги постигнат своите цели“, нагласи Габриел.
Фатих Туркменоглу, шеф на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во земјава, посочи дека е ова важен проект за земјата. Тој се осврна на спроведените проекти во државата.
„Имаме три приоритети. Регионална интеграција, навлегување на енергетскиот пазар и слично, сакаме да ја поддржиме националната економија за да го поттикнеме приватниот сектор, со што ќе се подобри инфраструктурата“, подвлече тој.
Како што беше кажано на настанот, интерконекторот ќе донесе пониски цени на гасот и сигурно снабдување за индустријата и домаќинствата.
Изградбата ќе ја спроведе домашната компанија Рапид Билд ДОО, од каде истакнаа дека се подготвени со стручен кадар и техничка опременост. Со ова се потврдувал и капацитетот на македонскиот градежен сектор да изведува сложени инфраструктурни проекти во согласност со европските стандарди. Градежните работи на трасата започнуваат веднаш и се очекува да завршат за 22 месеци, со што интерконекторот треба да биде целосно оперативен во текот на 2027 година.
фото: МИА