Македонската фудбалска репрезентација ја продолжи добрата форма и уште еднаш покажа дека може да се носи и со најсилните. Синоќа, на арената „Тодор Проески“, Македонија одигра храбро реми 1-1 против Белгија – резултат што ќе добие дополнително значење, ако го победиме Казахстан на гости во понеделник.
По три кола во квалификациите за СП 2026, имаме пет освоени бодови – победа кај Лихтенштајн (3-0) и ремија против Велс и Белгија (по 1-1) на домашен терен.
Натпреварот со Белгија беше доказ дека не се плашиме од никого. Избраниците на Благоја Милевски одиграа одлично, дури беа блиску и до историска победа – прва во петте дуели со „црвените ѓаволи“.
Македонија создаде неколку сериозни шанси – Барди прв се закани, па следуваа две стативи по удари на Елмас и Алиоски. Белгија поведе преку Максим де Кујпер во 28. минута, но тоа не нè поколеба.
Во вториот дел, Елмас израмни, но ВАР го поништи голот поради офсајд на Илиевски. Сепак, радоста стигна во 86-тата минута – Чурлинов мајсторски го проигра Алиоски, кој со волеј го матираше Селс за израмнување.
Но, бодот против Белгија ќе вреди само ако го освоиме целиот плен кај Казахстан. Нè очекува тежок натпревар против селекција со која првпат играме квалификациски меч. Последната средба со нив беше пријателска – во 2021 ја добивме со 4-0.
Фото: ФФМ
Табела – Група Ј
Позиција | Репрезентација | Бодови |
---|---|---|
1 | Велс | 7 |
2 | Македонија | 5 |
3 | Казахстан | 3 |
4 | Белгија | 1 |
5 | Лихтенштајн | 0 |
Натпревари – 4. коло (понеделник, 9 јуни 2025)
-
Казахстан – Македонија
🕒 15:00 часот -
Белгија – Велс
🕒 20:45 часот