Министерката Кочоска е против ограничување на маржите, но го поддржува Законот за нефер трговија. За одлуката со која се ограничи бруто профитната маржа за околу 70 производи кои се дел од т.н. есенска кошничка, смета дека е комплексна мерка која нема да даде резултати, затоа што државните институции немаат капацитет да проверуваат дали се почитува. Ова им го кажала и на своите колеги, но на крајот Владата одлучила спротивно. Смета дека има други начини за борба со високите цени, како на пример одредени попусти, одлука која се спроведувала во Унгарија при висока инфлација.
„Никогаш не можам да се согласам со таква мерка за замрзнување на цени, маржи, затоа што се сложени методологии за пресметка и сметам дека во државните институции нема доволно капацитет да се пресметуваат и проверуваат тие маржи. Но, на крајот, ставот на Владата е тој, со тоа што во периодот кој следува очекувам да има промени во тој дел да не продолжуваме на истиот овој начин, затоа што сметам дека ефектите нема да бидат толку големи колку што се очекува“, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.
Министерот за економија Дурмиши, пак, најави и божиќна, рамазанска и велигденска кошничка.
Кочоска е зачудена зошто има вакви високи цени, особено кај овошјето и зеленчукот, а од друга страна постојано се префрлаат пари за субвенции.
„Трошиме ненормално многу средства за нешто што очигледно не дава ефект. Цените и натаму растат и кај нас проблемот се земјоделските производи. Токму од таа причина треба да се направат анализи, како се распределуваат тие субвенции“, вели Кочоска
Владата одлучи на еден месец да ја ограничи бруто профитната маржа на 10 отсто, со надеж дека ќе поевтинат производите чии цени значително се зголемија. Но, во анкетите граѓаните постојано зборуваа дека поевтинување нема, а трговците пред да стапи на сила мерката ги покачиле цените. Пазарниот инспекторат, пак, забележа дека има намалување на грамажата на производите за да не бидат опфатени со одлуката. На сличен став се и од Организацијата на работодавачи.
Пред да стапи на сила мерката, од Министерството за економија зборуваа дека трговците реагирале, а тие се обидуваа да ги убедат дека со мерката нема да загубат ништо.
Според, анализите на бизнис мрежа минатата година познат трговец кај кој граѓаните секојдневно пазарат, направил добивка од 10 милиони евра. Ваквите заработки се случуваат во време кога и претходната Влада носеше мерки со кои ги замрзнуваше цените и ги ограничуваше маржите.
Ирена Чачкова
