Вести Македонија Топ вести

Карева Талеска во Топ тема: Застарувањето на предметите ќе има сериозни финансиски импликации, обвинетите може да поднесат и тужби за штета

Ние, како Блупринт група, целосно се повлековме од Работната група за измените во Кривичниот законик (КЗ) и ова што се случи вчера и изминатите две недели само го покажа тоа што го кажавме досега, односно, правните последици, согласно измените на КЗ ќе ги гледаме допрва, истакна Тона Карева Талеска, правна советничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, во вечерашната Топ тема на ТВ Телма, во контекст на измените на Кривичниот законик и застарувањето на предмети, како оној со масовното прислушување.

„Зошто велам дека допрва ќе ги гледаме правните последици? – Затоа што не се само овие четири-пет предмети што застареа, односно формално завршија, да кажам досега. Туку има има и други предмети кои ќе видиме дека во блиска иднина ќе настапи апсолутна застареност и истите ќе завршат. Тоа има навистина сериозни последици и по довербата во правосудството која што и така е многу ниска, и верувам дека со ова ќе се намали уште повеќе, бидејќи сите тие предмети се предмети на висока корупција кои го засегаат општественото добро. Од тука, навистина, се сериозни правните последици“, вели Карева Талеска.

Таа вели дека, и покрај многуте изјави кои што се слушнаа од различни функционери дека овие застарувања нема да се случат, ова покажува дека се што тие укажале дека ќе се случи како последица на измените, се случува во пракса.

„И во иднина ќе продолжи да се случува, бидејќи овие последици не можеме да ги избегнеме оти измените на Кривичниот законик се стапени на сила и ќе останат на сила затоа што се поповолни за обвинетите“, изјави правната советничка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Таа се осврна и на финансиските импликации за предметите кои ќе бидат на товар на буџетот.

„Нормално, сите предмети кои завршуваат поради апсолутна застареност, сите трошоци во однос на постапката, ги сноси самата држава. Од тука, многу големи предмети, предмети кои што траеја многу долго, кои што имаат многу изведени докази, кои што имаат многу одржани рочишта, кои што имаат многу обвинети, кои што имаат многу адвокати, кои што имаат многу вештачења, итн., сите тие трошоци ќе паднат на товар на државата, односно на товар на сите граѓани. Сумата во однос на сите предмети во моментот не би можел никој да ја каже, затоа што тоа ќе се пресмета во пресудите што ќе бидат донесени формално правно“, смета Карева Талеска.

Според неа, можноста на обвинетите во предметите да поднесуваат тужби за штета, останува како правен институт и во тој дел Карева Талеска предупредува за можни дополнителни финансиски импликации како држава.

„Секоја измена што се прави, особено во кривично-правната материја, која што засега општествени добра и која што засега јавност, а која допира до предмети од висока корупција, треба да се направи со сериозна анализа за импликациите кои што ќе ги имаат таквите измени врз буџетот на државата“, нагласи Карева Талеска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Најмногу пријавени колапси од топлото време во Итната медицинска помош

Дејан Дејан

Зошто е откажано појавувањето на Тошковски во реновираните Управни служби на МВР?

Дејан Дејан

Пораснаа девизните резерви на Кина

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе