Растат тензиите во Ормускиот теснец. Откако САД почнаа со помпезно именуваниот „Проект Слобода“ на претседателот Доналд Трамп, односно обидот на американската морнарица да ги придружува трговските бродови и нивните екипажи низ теснецот, иранската револуционерна гарда одговори со напади со ракети и беспилотни летала. Нивна цел биле трговски пловила и бродови на американската воена морнарица, додека проектили биле повторно истрелани и кон Обединетите арапски емирати.
Дали ова значи дека примирјето завршило? Првиот човек на Пентагон, поранешниот водител на утринската програма на Фокс Њуз, Пит Хегсет, тврди дека тоа не е точно.
„Не, примирјето не е завршено. Во суштина, ова е посебен и различен проект. Очекувавме дека ќе има одредени турбуленции на почетокот, што и се случи. Рековме дека ќе се браниме и ќе се браниме агресивно – и тоа навистина го направивме. Иран го знае тоа. На крајот, претседателот ќе донесе одлука дали нешто би можело да ескалира во прекршување на примирјето. Но секако, би го повикале Иран да биде внимателен во своите постапки за да остане под тој праг. Ова се однесува на теснецот. Станува збор за слободата на навигација“ – тврди Хегсет.
Хегсет, кој е познат по своите воинствените прес конференции, каде покрај Иран, често пати вербално ги напаѓа и новинарите кои критично ја оценуваат работата на неговиот шеф, Доналд Трамп, тврди и дека Иран бил понижен и дека американската операција покажала дека Ормускиот теснец е отворен. Хегсет тврди и дека операцијата, во која се вклучени 15.000 војници, е „привремена“ и дека американските сили воспоставиле „црвено-бело-сина купола“ над теснецот.
Но што велат фактите? Морнарицата на САД успеа да обезбеди премин низ теснецот на два бродови поврзани со американските бизнис интереси.
Два од вкупно над 1 550 бродови со повеќе од 22 500-тини морнари заглавени во заливот.
Н.И
