Продолжува процедурата за укинување на техничката влада, а законот најрано следната недела оди на пленарка. Измените на Законот за Влада ги поминаа комисиските филтри и веќе нема пречки за мнозинството да ги изгласа истите. Власта не ги сослуша барањата на опозицијата. СДСМ бара да се повлечат измените, Европскиот фронт предводен од ДУИ се обиде да интервенира со амандмани, но сите беа отфрлени и на Комисијата за политички систем, како и на Законодавно-правната комисија.
„Со оглед на тоа што не се усвоени поднесените амандмани, не е исполнет условот од членот 162 од Деловникот на Собранието за дополнет предлог на закон“, рече Александар Велјановски, член на законодавно-правната комисија.
Прашањето за укинување на техничката влада повеќе денови ја бранува политичката јавност во земјата, а денеска со свој став излезе и претседателката на државата. Гордана Сиљановска-Давкова оценува дека моделот, вака како што постои една деценија, е неуставен и во Македонија функционирањето е нетехничко, бидејќи политичари се дел од истата. Вели дека ќе го потпише указот за прогласување на измените на законот.
„За мене, измените во Законот за Владата што се однесуваат на техничката влада и тогаш и сега се неуставни. Имено, во самиот законски текст има одредба дека техничката влада ќе функционира во 2016 година. Ние го продолживме нејзиното функционирање. Се разбира дека има технички влади во светот, но не од ваков тип. Техничките влади се влади на експерти, на бирократи, за да гарантираат фер и демократски избори“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
Лидерот на опозициската СДСМ, Филипче, потврди дека тие ќе ги повлечат своите членови од работната група која работи на реформи на изборното законодавство. Само со консензус може да се укине Пржинската влада, сметаат социјалдемократите и ја обвинуваат власта за автократски манир на владеење.
„Аргументираме зошто таа Пржинска влада треба да остане. Еве ќе повторам. Притисок врз правосудството, Закон за полиција со којшто целосно ќе се партизира полицијата, „Сејф сити“ за којшто имаме сериозни сомнежи врз основа на историјата дека ќе се злоупотреби, како и национален сервис. Ние рековме дека ќе ја напуштиме прво дебатата и учеството во работната група за Изборниот законик, доколку овој Закон за Влада не се повлече. Па оттаму, ќе видиме како ќе делуваме понатаму. Но, сите демократски механизми ќе ги искористиме“, порача Венко Филипче, претседател на СДСМ.
Пред два дена во Собранието започна процесот за укинување на техничката влада на 100 дена пред избори. Законското решение предвидува елиминирање на досегашниот модел по следните избори, а не веднаш. Техничката влада се применува од 2016 година.
Петар Догов
