Судењето за деветмината полицајци кои се обвинети за злоупотреба на службената положба во врска со дискотеката Пулс почна со подготвително рочиште. Тие одговараат дека без да направат соодветни проверки дали Пулс има доволно паркинг места и дали имало нарушувања на јавниот ред и мир дале согласност за да добие лиценца
- На конкретните полициски службеници опфатени со ова обвинение им се става на товар дека не ги извршиле своите службени обврски и должности односно не направиле целосна проверка и врз основа на ненаправената целосна проверка дадена е согласност која понатаму е позитивно оценета и добиена е лиценца и на тој начин е овозможено овој клуб Пулс да работи и да остварува заработка- Спасенка Андонова, обвинителка.
Дел од адвокатите се пожалија дека МВР но и други институции не одговориле на нивните барањата и се уште ги чекаат потребните докази.
Побараа и судот да интервенира. Одбраната очекува низ судењето ќе докажат дека нема одговорност кај овие полицајци
- Наводите ќе бидат разјаснети во понатамошната дел од кривичната постапка и ќе видите дека сето она што им се става сега на товар како злоупотреба на службената положба ниту може да има причинско последична врска со настанот ниту може да се градира за тоа кривично дело 353 – Асмир Алиспахиќ, адвокат.
Од истрагата за полицајците произлегоа три судски предмети. Два се за злоупотреби, а еден е поврзан со кобниот 16 март кога во пожарот во Пулс животот го загубија 63-ца, а над 200 беа повредени.
Тие 13 полициски службеници се обвинети за тешки дела против општата безбедност.
Елена Ивановска Мукоска
Б.С.
