Вести Македонија Топ вести

Кривичен суд одреди притвор од 30 дена за екс претседателот на ФФМ Сејдини

Кривичниот суд му определи притвор од 30 дена на екс претседателот на ФФМ Муамед Сејдини. Обвинителството бараше притвор за поранешниот претседател на Фудбалската Федерација на Македонија поради “опасност од бегство и оправдан страв дека осомничениот ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците”.

Основниот кривичен суд Скопје ја информира јавноста дека, постапувајќи по предлог на надлежното обвинителство, донесе решение со кое на лицето М.С., поранешен претседател на Фудбалска федерација на Македонија, му е определена мерка притвор во траење од 30 дена.

Мерката притвор е определена поради основано сомневање дека лицето сторило кривично дело Проневера во служба. Воедно, судот оцени дека постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази во текот на постапката, соопштија од скопскиот суд.

Соопштението на обвинителството во продолжение:

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против поранешен претседател на Фудбалската федерација на Македонија, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – Проневера во службата од член 354 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, во периодот од ноември – декември 2024 година, како службено лице, претседател на ФФМ, прибавил противправна имотна корист од околу 660 илјади евра за правно лице од Скопје, односно износ што надминува значителна имотна корист.

Сомненијата укажуваат дека делото е извршено така што ФФМ, како членка на УЕФА, во текот на 2024 година добила строго наменски парични средства за ревитализација на спортски терени и инфраскруктура.

Со финансиската поддршка од УЕФА во рамките на програмата „HatTrick VI”, осомничениот започнал постапка за спроведување на проектот – изградба на трибина на Стадион “Билјанини Извори” во Охрид и дал предлог за отпочнување постапка за избор на компанија за реализација на проектот. По одобрување од Управниот одбор, осомничениот поднел барање до три фирми за понуди за изградба на трибината на стадионот. Била избрана најповолна понуда за изградба во вкупен износ од околу 3,3 милиони евра без ДДВ.

Иако изведувачот тоа не го побарал, ниту во барањата за доставување понуди било наведено како можност, осомничениот, спротивно на одлуката на Управниот одбор, вметнал дополнителен услов во склучениот договор со избраната фирма, со кој предвидел  авансна уплата во износ од 20% од вкупната вредност на договорот пред започнување на градежните работи и без какво било претходно постапување од изведувачот. Притоа не предвидел никакво правно обезбедување за уплатените средства на име аванс.

Го потпишал таквиот договор и на 17.12.2024 година, паричните средства во износ од околу 660 илјади евра кои му биле доверени во службата, со негов налог до службите за исплата авансно ги префрлил на правното лице.

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Најавите за воведување електронско гласање за дијаспората за изборите во 2029 година за Филипче се потенцијален извор на изборни манипулации

Дејан Дејан

Најмалку 188 загинати и над 1500-тини повредени во двата разорни земјотреси во Венецуела – спасувачите трагаат по преживеани низ урнатините

Дејан Дејан

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на национализам и популизам само за да опстане на власт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе