Вести Македонија Топ вести

Oд Форумот за образовни промени реагираат: УЈП „со лупа“ барале начин да ги оданочат студентите

Oд Форумот за образовни промени реагираат на постапките на Управата за јавни приходи за неодамнешните известувања на студенти да платат данок за сработеното и поврат на данокот од истото. Според нив студентите во државата со години заминуваат во Германија не за да си дозволат луксуз, туку за да можат да го платат семестарот, на кој секоја година му се додава по некоја нова давачка, скапите учебници без кои нема оценка, како и често контаминираната храна во универзитетските бифеа, бидејќи со оброк од 140 денари не може да се купи ниту еден ѓеврек.

„И покрај бројните можности да останат таму, тие секоја година одлучуваат да се вратат и парите заработени со труд и пот да ги потрошат во својата држава. Државата, од друга страна, оваа година – како никогаш досега – недели и месеци откако студентите се вратиле и најверојатно веќе ги потрошиле средствата, реши да извади некакви фактури од фиока и да им ги испрати на студентите. Сето ова доаѓа откако одредени лица во Управата за јавни приходи седнале и со лупа барале начини како да ги оданочат студентите. По неколку недели „истражување“, пронашле закон кој со години не бил применуван, а кој сега се користи за оданочување на студентите кои работеле во Германија помалку од 183 дена“, велат од Форумот. 

Тие потенцираат дека апсурдот е уште поголем ако се земе предвид дека УЈП сè уште не е јасно како точно студентите треба да ги наплатат овие средства – важно е само дека тие треба го сторат тоа. Од Форумот објаснуваат дека досега студентите добија три различни верзии: на некои им се вели дека немаат никаков долг, на други дека треба да го платат само повратениот данок од Германија, додека на трети им се бара плаќање врз целокупниот бруто-приход.

Дополнително го истакнуваат фактот дека за најголемиот дел од студентите ова не е прва сезона во Германија, туку првпат се соочуваат со ваков апсурд. ФОП ја поздравува секоја намера на државата за спроведување на позитивните закони, но тоа не смее да започне со студентите, ниту пак да биде на нивна штета.

Од ФОП потсетуваат на правниот принцип „legitimate expectations“, како еден од темелните принципи на европското право, кој предвидува дека државата не може да применува закони со ретроактивен ефект без претходно известување. Со други зборови, доколку државата со години воспоставила практика на неприменување, граѓаните имаат право да веруваат дека таа практика ќе продолжи. Ненадејната промена без претходно известување е незаконска.
Како  организација свесни за законските обврски, ФОП ќе бара од Управата за јавни приходи да ги земе предвид и фактичките околности, да ги суспендира тековните барања за плаќање и да воспостави транспарентен систем преку кој студентите ќе бидат информирани за своите права и обврски. А дополнително, ќе бараат Законот за личен доход да ја препознае категоријата „студент“, бидејќи во моменталната законска рамка тие се третираат како секој друг даночен обврзник над 18 години.

Студентите и УЈП на маса за данокот преку програмата Work&Travel

УЈП ќе ги даночи парите на студентите заработени преку „Work&Travel“

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Багеи: „Обврска за обврска“ е водечки принцип во преговорите меѓу Иран и САД

Sasko Dimovski

Почина Циги, маскотата на ЈП „Лајка“

Sasko Dimovski

Гвинеја го забрани извозот на суровото злато

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе