Советници на висок функционер од владеачката коалиција, кој претходно бил и член на владата како претставник на ВРЕДИ интервенирал во истрагата за нападнатите полицајци во скопскиот градски парк, тврдат од независниот синдикат на полицијата.
Претседателот на синдикатот Мартин Ефремов вели дека советникот на функционерот бил во полициска станица без да се наведе каква е неговата улога, а наредното утро по инцидентот кој се случил во градскиот парк во Скопје при интервенција на повик за нарушување на јавен ред и мир, истрагата го сменила правецот.
-Според наши сознанија кои ни ги пренесоа колегите, се работи за поранешен вицепремниер во актуелната влада кој дури испратил негови советници во полициска станица за директно да влијаат на постапката, што за нас не смее да биде никаков случај и затоа бараме заштита од министерот за внатрешни работи како раководител на МВР и осуда на ваквите влијанија и ќе се обратиме и до Обвинителството ќе побараме да бидат на висина на задчата и да не потпаѓаат на влијанија, рече Мартин Ефремов, претседател на Независен синдикат на полиција.
Телма контактираше со кабинетот на институцијата која ја раководи сега спомнатиот функционер, а му испрати и прашања на неговиот телефон, но до монтирањето на прилогот не доби одговор.
Од МВР потврдија дека инцидентот е регистриран во сабота наутро.
-Во координација со надлежното јавно обвинителство се преземаат сите потребни мерки и активности. Истовремено, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапува во рамки на своите законски надлежности. Во врска со настанот за кои прашувате ве известуваме дека двајца полициски службеници се здобија со повреди констатирани во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје, ни одговорија од МВР.
Обвинителството ја води истрагата, а ни беше посочено дека нема смена на обвинител туку има двајца дежурни обвинители и надлежниот за конкретното кривично дело го работи случајот за кој се уште нема кривична пријава од МВР.
Синдикалецот Ефремов пак тврди дека еден од полицајците има тешки телесни повреди и скршено раме.
-За жал, едниот наш колега е полесно повреден, но, другиот има тешка телесна повреда односно дислокација на рамето и веќе беше изложен на хируршки зафат. При едно такво кривично дело сметаме дека правдата треба да биде брза и ефикасна за да се мотивираат слични такви напади, рече Ефремов.
Инцидентот се случил ноќта петок на сабота пред дискотека во Парк кога полицајците додека прибирале информации за пријава за тепачка биле нападнати од жител на Ресен и турски државјанин. Напаѓачите се уапсени од полициското засилување на нападнатите.
Миомир Серафиновиќ
