Половина година по одржувањето на локалните избори, дел од ангажираните лица сè уште не го добиле надоместокот за сработеното кој во некои случаи достигнува и до 350 евра. Само во Општина Аеродром, според тврдењата на граѓаните, станува збор за околу 900 лица.
„Срамно е во 21 век да се собираме и да бараме нешто што професионално сме го извршиле. Секој член од тие чекаат, дали се 12, 15 или 20.000 ќе придонесат за дома“, реагира Томислав Вулворакис, ангажиран за локалните избори.
Дел од граѓаните денеска излегоа на протест и започнаа петиција, но и предупредија дека доколку не им бидат исплатени парите, ќе побараат правда и по судски пат.
„Со апел таа одлука да биде ништовна. Доколку не ја поништат таа одлука и не ги исплатат средствата во целост, ќе заведеме тужба пред надлежни судови“, додава Вулворакис.
Од Општина Аеродром велат дека советот пред пет дена донел одлука за исплата на средствата за избирачките одбори. Парите биле префрлени на сметка на општинската Изборна комисија два дена подоцна, а исплатата кон членовите се очекува наскоро.
„Претпоставувам дека по техничко обработување на податоците (подготовка на налози), во најкраток рок средствата ќе бидат префрлени од ОИК до членовите“, порача Дејан Митевски, градоначалник на Општина Аеродром.
Државната изборна комисија (ДИК) ја следи состојбата со исплатата на надоместоците на членовите на изборните органи, иако како што велат не се надлежни за директна исплата на средствата. До комисијата пристигнале поплаки, по што ДИК ги предупредила општините и министерството за финансии за потребата од брза исплата.
„Дел од општините веќе се во фаза на надминување на проблемот и изнаоѓање соодветни решенија за исплата на средствата. Комисијата очекува сите општини во најкус можен рок да ја исполнат својата законска обврска и да ги исплатат надоместоците на членовите на изборните органи“, соопштија од ДИК.
Инаку, ангажираните лица во избирачките одбори имаат клучна улога во изборниот процес, го подготвуваат гласачкото место, ги идентификуваат гласачите и по затворањето на гласањето ги бројат гласовите. Нивниот надоместок се движи од 12.000 до 22.000 денари, во зависност од големината на општината. Локалните избори се одржаа минатата година, првиот круг на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.
Симона Петровска
