Ирански политички и воени претставници порачаа дека се подготвени за судир со американски копнени трупи. Претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф тврди дека САД јавно заговараат мировни преговори, а тајно подготвуваат копнена инвазија. Власта во Иран ја овласти војската да дејствува без наредба од централната команда во случај на десант, инвазија, саботажи или диверзантски операции.
Според ирански безбедносни аналитичари, тоа укажува на подготовка за ескалација на војната и за директни копнени и улични борби. Иранците воедно се заканија со заземање на брегот на Бахреин и на Емиратите, доколку дојде до напад врз Харг или други стратешки острови или делови од јужниот дел на земјата во близина на Ормускиот теснец.
„Претседателот на САД докажа дека единствениот јазик што го разбира е јазикот на силата. Како одговор на неодамнешните закани на Трамп за копнена операција или окупација на кој било дел од територијата на Иран, што не е ништо повеќе од желба, изјавуваме: борците на исламот долго време чекаат вакви акции за да покажат дека агресијата и окупацијата нема да донесат никаков друг резултат, освен понижувачко заробување, распарчување и исчезнување на агресорите и дека американските команданти и војници ќе станат добар плен за ајкулите од Персискиот Залив“, порача потполковник Ебрахим Золфагари, портпарол на војската на Иран.
Ваквите пораки од Техеран доаѓаат по пристигнувањето на американски воен брод во регионот на Блискиот Исток со дополнителни 3.500 војници. „Вашингтон пост“, повикувајќи се на официјални претставници, објави дека Пентагон се подготвува неколку сценарија за повеќенеделни копнени операции во Иран. Според нив, секоја потенцијална мисија ќе биде со помал обем од инвазија со полни размери. Засега не е познато дали Трамп ќе ги одобри сите, некои или ниту еден од плановите на Пентагон.
„Сега, во однос на причината зошто има распоредувања, под број еден, претседателот мора да биде подготвен за повеќекратни непредвидени ситуации за кои нема да зборувам во медиумите. И повторно, ве упатувам на министерството за војна кое веројатно ќе ви го каже истото. Но, можеме да ги постигнеме сите наши цели без копнени трупи. Но, секогаш ќе бидеме подготвени да му дадеме на претседателот максимална опција и максимална можност да се прилагоди на непредвидените ситуации, доколку се појават“, рече Марко Рубио, државен секретар на САД.
Војната на Блискиот Исток влезе во вториот месец, додека индексите на Волстрит бележат пад веќе петта недела во низа. Бомбардирањата на САД и Израел врз Иран продолжуваат со несмален интензитет, Иранците возвраќаат со проектили кон израелска територија, но и инфраструктура во земјите низ регионот, како една од најголемите светски топилници на алуминиум во Бахреин. Извештаите по вчерашниот напад врз базата „Принц Султан“ во Саудиска Арабија, пак, покажуваат уништување и на Авакс, моќен авион американски кој овозможува команда и надзор и има разузнавачки и извидувачки способности, што се толкува како тежок удар за САД.
Сашко Димовски
