Уставната дилема доби разрешница, политичката драма стивнува, а „илјадарката“ што со месеци ја брануваше јавноста останува во сила. Линеарното зголемување на пензиите продолжува да важи, откако Уставниот суд донесе одлука со која не го оспори моделот на покачување.
Пензионерите во септември добија плус илјада денари на своите сметки, а за март им следува и второто линеарно усогласување од уште илјада денари.
Со најновата одлука, ставена е точка на неизвесноста – пензионерите ќе си ги добиваат предвидените пари.
„Во сила останува линеарното зголемување на пензиите. Отпадна сомнежот за неуставност на оспорениот закон и Судот денеска ја запре постапката“, соопштуваат од Уставниот суд на РС. Македонија.
Кон крајот на ноември минатата година, премиерот Мицкоски од говорницата на седница за пратенички прашања, испрати низа обвинувања дека пензионерите се обесправени, дека одлука веќе е донесена и пензионерите веќе нема да добиваат линеарно зголемување на пензиите.
Потоа, Уставниот суд експресно возврати дека одлука сѐ уште нема. Една недела пред тоа, односно некаде околу 20 ноември, судот по сопствена иницијатива оформи предмет за да утврди дали линеарното покачување е во согласност со Уставот.
Измените на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што Собранието ги изгласа на крајот на јули минатата година се преточија во повисоки пензии – првото линеарно зголемување пристигна со исплатата на први септември.
Петар Догов
Б.С.
