Поранешната антикорупционерка Цвета Ристовска се вратила на старото место во ревизија на истата функција, додека се уште нема одлука за предметите против неа во ДКСК. Ристовска повторно е помошен државен ревизор откако си поднесе оставка од ДКСК минатиот месец. Оставката дојде после неколкуте скандали поврзани со неа, меѓу кои тоа дека фирма на нејзините синови земала 70 илјади евра за рекламирање на партии во предизборна кампања и дека не ги пријавила во анкетниот лист.
„Тие предмети се распределни на членовите на ДКСК, госпоѓа Цвета Ристовска воопшто не беше вклучена, бидејќи од старт ја изземавме затоа што се за нејзе. Се работат тие предмети и наскоро ќе ги реферираме и ќе бидат донесени одлуки кои како што знаете се носат на јавни седници, така што ќе бидете запознаени“, рече Aдем Чучуљ, претседател на ДКСК.
Предметите на кои работеше Ристовска се уште не се прераспределни, се чека да се избере нов член на ДКСК, а најитните ќе ги добијат нејзините поранешни колеги. Ристовска одлучуваше за можната фалсификувана диплома на директорот на АНБ Бојан Христовски, а и се падна и предметот за фирмите поврзани со директорот на СОЗР, Ивица Томовски за кои опозицијата објави дека земале тендери од општини и институции раководени од ВМРО-ДПМНЕ. Но, по нејзината оставка предметот е веќе прераспределен.
„Постоењето на евентуален судир на интереси кај Ивица Томовски исто така одлуката мислам дека ќе биде во најкус можен рок дали на првата наредна или на втора седниза не можам точно да кажам, но ќе биде брзо“, додаде Чучуљ.
Инаку оставка од ДКСК си поднесе и поранешната претседателка Татјана Димитровска, која сега повторно е колешка со Ристовска во Државниот завод за ревизија. Димитровска е обвиненета за оддавање државна тајна и компјутерски фалсификат.
Maрија Митевска
Дигитална обработка: Т.Д.
