Адвокатот на Артан Груби и денеска бил во обвинителството на увид во документацијата за предметот Државна Лотарија во кој Груби е второосомничен. Додека не заврши увидот во документацијата, осомничениот поранешен вицепремиер нема да се изјаснува и да дава исказ пред обвинител, ни изјави телефонски адвокатот Гоце Ристовски. Тој не сакаше да прецизира колку ќе трае увидот во документацијата на одбраната. Дотогаш Груби е во притвор ама домашен со полициско обезбедување.
Домашниот притвор за Груби по 14-месечно бегство му го определи кривичниот суд по барање на обвинителството кое се повика на информации од МВР и АНБ за безбедносен ризик врз поранешниот и до понеделник избеган функционер.
Во судот нема нови активности поврзани со предметот ниту пак жалби бидејќи судот го определил домашниот притвор со позитивно мислење и од одбраната и од обвинителството.
Груби и натаму е топ тема во јавната дебата за ефикасноста на правдата во Македонија, а осомничен е за дело проневера во службата затоа што во 2023-та година водел седница на влада како Акционерско собрание на Државна Лотарија и предложил за гласање одлуки кои се во надлежност на Управниот и Надзорниот одбор на Лотарија.Со одлуката е почната набавка на ВЛТ апарати и друга опрема за обложување, а според пријавата штетата е над 8 милиони евра.
И додека тој е во притвор, вратен во татковината уште во понеделник рано сабајле- неговата слика и меѓународна потерница се уште е на веб сајтот на МВР во делот за потраги.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.
