Надградбата врз доградба на станбена зграда на скопски Бит-пазар, за која општинските инспектори утврдија дека е дивоградба, доби кров и прозорци. Иако доградбата напреднува, во општината велат – ќе уриваат.
Во Општина Чаир велат дека е донесено решение за запирање на работите и издаден е налог за извршување согласно закон. Се уште не се знае кој доградува цел кат врз зградата. Во општината велат дека инвеститорот не е идентификуван, но решението е уредно доставено со објавување согласно законот, а управната постапка е целосно завршена.
„Реализацијата на уривањето ќе се спроведе преку постапка за јавна набавка. Согласно законските рокови, постапката за избор на економски оператор може да трае до 45 дена. По потпишување на договорот со избраниот изведувач, ќе се пристапи кон извршување на решението без одлагање“, велат во Општина Чаир.
Инспекторите од Општина Чаир уште пред еден месец утврдиле дека објектот нема одобрение за градба, ниту одобрение за доградба, но беше непознато кој доградува цел кат врз зградата.
Снимките кои ги направивме на 20 јануари покажуваат дека објектот е во фаза на ѕидарски работи. Денешните снимки покажуваат дека втората доградба веќе е покриена и добила прозорци, но и денеска таму немаше никој.
Досегашната праксата покажува дека дури и да се донесе решение за уривање, тоа може да се одолговлекува со години по судските лавиринти.
Ако инвеститорот или сопственикот се непознати, тогаш работата оди побрзо. Градежните инспектори преку дневните и општинскиот весник го покануваат инвеститорот на распит. Ако не се јави, се носи решение за уривање, но ако се појави тогаш работите може да се развлечат. Инвеститорот има право на жалба до второстепена комисија. Ако жалбата биде прифатена, постапката се враќа на почеток. Ако не биде прифатена, решението за уривање станува правосилно, но има право на вонредни правни лекови – тужба пред Управен суд, па потоа и пред Вишиот управен суд. Општините не уриваат додека не заврши постапката пред судовите, која може да трае со години.
Објектот, кој предизвика, бројни реакции на социјалните мрежи изминатиот месец, се наоѓа во тесните улички меѓу Битпазар и Чаршијата. Се забележува дека се работи за трикатна станбена зграда со поткровје покриено со црвен лим. Врз поткровјето потоа има дигнато уште еден кат, а сега се гради нов. Во Катастарот нема имотни листови за доградбата.
Според информациите на Телма, зградата ја изградил турски инвеститор пред повеќе од 15 години, ги продал становите и си заминал, но тогаш била само до поткровје.
Срѓан Стојанчов
