Водата од поплавените земјоделски површини сè уште не е целосно повлечена, а проценката на штетите допрва ќе следува. Од Водостопанство велат дека механизацијата е на терен и активно работи на расчистување на одводните канали.
Илија Темелковски, советник за експлоатација и одржување на хидромелиоративните системи на АД Водостопанство на РСМ посочува дека повлекувањето на водата од нивите оди побавно отколку од речните корита.
„Во делот на поплавените земјоделски површини водата постепено се повлекува, но ѝ е потребно повеќе време во споредба со речните корита. Водостопанство излезе на терен со сета расположлива механизација и врши чистење на одводните канали“, изјави Темелковски.
Точната површина што е зафатена сè уште не е утврдена, а штетите дополнително ќе се проценуваат и ќе се доставуваат до општините, а не до Водостопанство појаснува тој. Најпогодени се Струмица, Липково и Полошкиот регион, а излевања имало и во Пелагонија. Темелковски нагласува дека надлежноста на Водостопанство е за заштита и одбрана од поплави во неурбанизирани подрачја, но посочува и на сериозен проблем со несовесно однесување.
„Имаме делници каде што има фрлање градежен шут и изградба на викендици, дел од нив нелегализирани. Тоа ја отежнува интервенцијата и го намалува ефектот од чистењето“, вели тој.
Според него, потребно е да се утврдат и причините зошто коритата брзо се полнат со наносен материјал. Тој појаснува дека Министерството за животна средина и просторно планирање е надлежен орган за заштита од поплави, но надлежностите за неурбанизираните делови се пренесени на Водостопанство, каде се изработуваат програми и акциски планови за чистење на речните корита. Дополнителен проблем, како што вели, претставуваат ограничувањата за сечење дрвја.
„Во дел од коритата не може да се сечат дрвја поради заштита од ерозија. Но кога дрвјата ќе достигнат зрелост и ќе почнат да трулат, паѓаат и го попречуваат режимот на водата, што може да доведе до излевање“, објаснува Темелковски.
Тој додава дека моменталниот изглед на дел од речните корита, кои изгледаат „нечисто“, е резултат и на наглото топење на снегот и наносите што ги носи водата. Сепак надлежностите за управување со водите се поделени меѓу институциите, но финансиската поддршка е ограничена.
„Водостопанство е под надлежност на Министерството за земјоделие, а во делот на управување со води надлежно е Министерството за животна средина и просторно планирање. Се обраќаме до оваа институција, но добиваме минимални средства, а веќе неколку години немаме добиено ништо за делот на управување со води“, вели Темелковски.
Тој додава дека, иако Водостопанство е надлежно за речните корита, како институција нема доволни финансиски средства за нивно одржување.
„За да можеме навремено да ги одржуваме коритата, се потребни финансии, но приоритет и поголема поддршка повеќе се даваат на локалните самоуправи“, нагласува Темелковски.
T.Д.
