Русија се подготвува за целосна блокада на апликацијата Телеграм од 1 април, објави рускиот Телеграм канал База. Руското тело за цензура Роскомнадзор ниту ја потврди, ниту ја негираше информацијата, пишува Украинска правда.
Повикувајќи се на свои извори, База наведува дека Роскомнадзор ќе започне целосно блокирање на апликацијата, слично на она што го направи со Инстаграм и Фејсбук. Овие социјални мрежи во сопственост на Мета се означени како екстремистички и забранети во Русија. Според истите извори, Телеграм треба да престане да работи на целата територија на Русија, и преку мобилен интернет и преку ви-фи мрежи.
Кога беше прашан за најавеното блокирање, Роскомнадзор кратко рече: „Агенцијата нема што да додаде на претходно објавените информации за ова прашање“.
Рускиот регулатор ги засили мерките за забавување на Телеграм на 10 февруари. Според весникот Комерсант, времето потребно за обработка на барањата за доменот на услугата оттогаш се удвои. Регулаторот објави дека ќе продолжи со ограничувањата ако компанијата не се согласи да ги постави своите сервери во Русија и „не се придржува до руското законодавство“.
