Поплавите ги зафатија и Гостивар и Кичево, поплавувајќи куќи, подруми и земјоделски површини.
Над 200 жители, меѓу кои стари лица и деца, беа евакуирани и сместени во спортската сала со обезбедени кревети и пумпи за вода.
Жителите пред камерата на Телма велат ддека се се случило за 10 минути, а реката носела се пред себе, секаков отпад па дури и мебел.
Интервенирале општинските служби со багери и за неколку часа била запрена водата.
ДЗС интервенира во повеќе поплавени региони
Дирекцијата за заштита и спасување, заедно со локалните власти и Центарот за управување со кризи, продолжува да интервенира по пријавите за поплави низ Македонија.

Во скопскиот регион беа зафатени селата Буковиќ и Семениште во општина Сарај, каде беа поплавени над 30 куќи и дворови, а тимовите на ДЗС, заедно со локалната бригада за противпожарна заштита и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, вршеа испумпување на водата и расчистување на теренот.
Во други региони, реката Слупчанка во Куманово се излеа на дел од село Опае, а во село Оризаре беа поплавени земјоделски површини.
Во тетовскиот регион, интензивните врнежи предизвикаа проблеми со одводните канали и свлечишта на патните правци Тетово – Џепчиште и Тетово – Попова Шапка, при што делници остануваат затворени или ограничени за тешки возила.

Сарај: Пријавување штети од поплавите до 23 февруари
Општина Сарај ги повикува граѓаните погодени од вчерашните поплави да ги пријават штетите во периодот од 16 до 23 февруари.
Право на пријава имаат сите жители од населените места на територијата на општината кои претрпеле материјална штета.
Барањата се однесуваат на штети врз станбени и помошни објекти, опрема и други средства.
Општината информира дека формираната комисија ќе излезе на терен за да ги потврди фактите и да изврши проценка на пријавената штета, а по истекот на рокот нема да се разгледуваат дополнителни барања.
Граѓаните треба да ги достават барањата во просториите на општината во текот на работното време, при што образецот може да се преземе онлајн.
Од општината посочуваат дека комисијата ќе им помага на жителите при пополнување на документацијата, која мора да биде целосна и со сите потребни прилози.
Б.С.
