Вести Македонија Топ вести

ОЈО ГОКК отвори предмет за македонската марихуана што стасала до Србија

Петте тони марихуана пронајдени во Србија, а набавени од Македонија ги истражува и македонското обвинителство за гонење организиран криминал. Во петокот биле информирани и од тогаш разменуваа информации со српските колеги за оваа нарко-афера која има пипки од двете страни на границата. Целта е откривање на сите инволвирани лица и евентуални организирани структури поврзани со случајот на заплена на пет тони марихуана, велат од обвинителството.

„Обвинителството има оформено предмет и веќе се преземаат конкретни, насочени и координирани дејствија за целосно утврдување на сите факти и околности за поврзаноста на Република Северна Македонија со овој случај, со цел обезбедување целосна кривично-правна одговорност“, соопштија од ОЈО ГОКК.

Еден од притворените во Србија е Иван Драгниќ кој е ко-соспствник на фирмата „Алфафарм“ од Скопје. Фирмата е основана од 2023 година, но во март во 2024 добила одобрение за одгледување на канабис за медицински цели. На која локација одгледуваат марихуана, од Министерството за здравство засега не ни одговорија. Но, за Телма откриваат дека по откривање на аферата, деновиве имало вонредна контрола.

„Во однос на настанот за кој информирате, Министерството за здравство, преку надлежните служби, во координација со Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции, има извршено вонредна контрола кај правното лице. Врз основа на утврдената фактичка состојба и евентуално констатираните неправилности, Министерството ќе постапи согласно законските прописи и ќе ги преземе сите мерки предвидени со закон, доколку за тоа постојат законски основи“, информираат од министерството за здравство. 

Петте тони марихуана беа откриени на 29 јануари во фирма на двајца од осомничените татко и син во селото Коњух кај Крушевац. Истиот ден на бизнис мрежа е евидентирано бришење на еден од сопствниците на скопската фирма „Алфафарм“, откако неколку дена претходно излегол од сопственичката структура. Со тоа остануваат четворица содружници. Еден е Драгниќ, а уште еден има исто презиме со осомничениот организатор кој е во бегство.

Од СДСМ бараат одговорност и одговори како петте тони дрога поминале преку македонската граница?

„Ова не е инцидент, ова е систем. Како е можно во држава со Сејф Сити, со камери и скенери на граничните премини да поминат пет тони дрога? – Или ова е толку добро организирана картелска мрежа поврзана со сè и никој ништо не ѝ може?“, реагираат од СДСМ. 

Во Србија петмина се осомничени за неовластено производство и дистрибуција на дрога. Според истражните органи, Иван Драгниќ ја транспортирал дрогата преку границата до магацинот во Коњух, од каде еден од осомничените ја земал за понатамошна продажба во Белград.

Елена Ивановска Мукоска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе