Кина и Велика Британија потпишаа низа на владини договори за време на посетата на премиерот Кир Стармер на Пекинг, меѓу кои и за безвизен престој за британските туристи и деловни партнери до 30 дена. Меѓу постигнатите деловни договори и инвестиција од 15 милијарди долари во Кина до 2030 година од фармацевтскиот производител „АстраЗенека“.
Стармер во Пекинг е придружуван од голема бизнис делегација. Средбата и разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг ги оцени и повика на продлабочување на дипломатскиот дијалог и на економската соработка со Пекинг.
„Да, имавме многу добра, продуктивна сесија со реални, конкретни резултати за зајакнување на односите и тоа е во национален интерес, бидејќи секако, постојат огромни можности тука во Кина. Тоа е втора најголема економија во светот и затоа имаме толку голема бизнис делегација“, изјави британскиот премиер Кир Стармер по разговорите во Пекинг.
Стармер е првиот британски премиер кој отпатувал во Кина по пауза од осум години. Посетата доаѓа по период на заладени односи поради обвинувањата за кинеска шпионажа во Велика Британија, поддршката на Пекинг за Русија во војната во Украина, ограничувања на правата и слободата во Хонг Конг. Владата на Стармер се бори да оствари економски раст што го вети во изборната кампања, но и да ја ублажи кризата со трошоците за живот за милиони домаќинства, па Кина сега се гледа како потенцијален извор на раст.
„Знам дека што и да се случува во светот, најважното нешто за огромното мнозинство луѓе се трошоците за живот. Значи, отворањето пристап до бизнис, до можности, искористување на тие можности, што потоа се одразува во подобри бизниси, во работни места, во намалување на цените дома, навистина, навистина е важно и затоа, постигнавме вистински напредок во сите тие области“, додаде Стармер.
Лидерите на Велика Британија и Кина повикаа на „стратешко партнерство“ за продлабочување на врските меѓу две држави во време на растечките глобални турбуленции, додека се обидуваат да ги одмрзнат односите по години заладување.
„Во последниве години, имаше пресврти во односите меѓу Кина и Велика Британија кои не се во интерес на двете земји“, рече претседателот на Кина, Си Џинпинг.
Разговорите меѓу Стармер и Џинпинг доаѓаат во период на нарушување на глобалната економија, наметнувајќи императив за проширување на трговијата и инвестициите за многу влади по политиките на американскиот претседател Доналд Трамп.
Стармер воедно е четвртиот лидер на сојузник на САД кој го посетил Пекинг во изминатиот месец по колегите од Јужна Кореја, Канада и Финска. За февруари е најавена посета на Кина и од германскиот канцелар Фридрих Мерц.
Сашко Димовски
