Македонската музичка икона Тоше Проески денес, на 25 јануари, ќе наполнеше 45 години. Иако за многумина времето застана во 2007 година, Тоше и понатаму живее преку своите песни, зборови и дела.
Тој беше повеќе од пејач – беше симбол на човечност, љубов и единство, човек пред кого немаше поделби, туку само искрена емоција.
Роден на 25 јануари 1981 година во Крушево, Тоше уште како дете го покажа својот извонреден музички талент, настапувајќи на фестивалите „Златно славејче“ и „Мелфест“.
Професионалната кариера ја започна во 1997 година, а само неколку години подоцна стана еден од најпрепознатливите гласови на Балканот. Хитовите „Пушти ме“, „Остани до крај“, „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, „Солзи прават златен прстен“ и многу други ја одбележаа неговата уметничка патека и го врежаа засекогаш во срцата на публиката.
Со успеси на регионалната сцена, настап на Евровизија и богата дискографија, Тоше ја носеше Македонија со себе каде и да одеше. Но она по што ќе биде најмногу запаметен е неговата човечност.
Како Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, преку песната „За овој свет“ и бројни хуманитарни концерти, тој покажа дека вистинската големина не се мери со слава, туку со срце.
Тоше Проески замина прерано, но легендите не заминуваат – тие живеат вечно, во секоја нота и во секоја искрена солза.
