Со зелено светло од пленарната сала, Собранието денеска ја „притисна педалата“ за старт на системот „Сејф-сити“. Со 81 глас „за“ наспроти 19 „против“, пратениците по скратена постапка ги усвоија измените и дополнувањата на Законот за прекршоци, отворајќи го патот за автоматско снимање и санкционирање на прекршоците.
За законот беше потребно двотретинско мнозинство и истото се постигна со помош на гласовите од Левица. Пратениците од оваа партија по лидерската средба месецов, одлучија да ја гледаат поголемата слика и да застанат на страната на мнозинството за ова законско решение, а денеска најавија иницијативи за измени.
- „Ние секако планираме да се вклучиме во тој процес, посебно планираме да се вклучиме во делот околу казнувањето. Ние цениме дека треба да има скалесто казнување, тоа значи дека треба секој да плаќа према своите примања. Не може еден човек во Македонија кој зема плата од 500 евра да плаќа иста казна за ист прекршок со човек којшто зема и по 50 илјади евра плата, а имаме и такви“, вели Борислав Крмов, пратеник од Левица.
СДСМ и ДУИ беа против предложните измени. Од „Европски фронт“ предупредија дека камерите не смеат да станат алатка за селективна правда. Посебна тревога предизвика широката надлежност на МВР и нејасните правила за чување на податоците, кои ги нотираат социјалдемократите – порачаа дека бараат гаранции дека нема да има злоупотреби на податоците на граѓаните.
- „Сето она што ќе се прибере како податок од камерите на „Сејф-сити“ нејасно е како и на кој начин ќе се чува и може ли да се злоупотребува. За мене исто така е неприфатливо собирањето на меил-адреси и собирањето на телефонските броеви на сите сопственици на патнички моторни возила“, вели Оливер Спасовски, пратеник од СДСМ.
- „Ние бевме јасни дека законот е противуставен и тоа го искажавме јасно. Извештаите за прекршоците не доаѓаат на Албански јазик и стравувам дека има уште многу работа за усогласување на сообраќајните знаци со овој закон“, кажа Рина Ајдари, пратеничка од Европски фронт.
- „Ќе бидеме против овој Закон и ќе поднесеме барање до Уставниот суд за оценка на уставноста на истиот“, кажа Ријад Шаќири, пратеник од Алијанса за Албанците.
Критиките беа насочени кон фактот што „Сејф сити“ засега ќе важи само за Скопје, Куманово и Тетово – што според нив, создава сообраќајна правда со различни аршини.
Официјалниот почеток на системот кој регистрира сообраќајни прекршоци е закажан за 1 февруари. Деновиве во тек е „пробниот режим“ за тестирање на камерите за сообраќајни прекршоци.
„Сејф сити“ ќе се прилагодува до 31 јануари, со тоа што ќе се врши тестирање и калибрација на камерите, во периодот од 8 до 20 часот.
Петар Догов
Б.С.
