Вести Економија Македонија Топ вести

Димитриеска-Кочоска: Ниски камати и висок интерес на инвеститорите за еврообврзниците

Добри каматни услови и висок интерес за двете еврообврзници преку кои државата се задолжи за една милијарда евра. Министерката за финансии, Гордана Кочоска Димитриеска смета дека високиот интерес и вкупната понуда од 4 милијарди евра за еврообврзниците е потврда за доверба од странските инвеститори за финансиските политики на државата.

Еврообврзниците по идентични 500 милиони евра се со рок на доспевање од 4, односно 8 години, а најголем дел од нив – 893 милиони евра ќе се искористат за исплата на обврски од надворешниот долг на државата, вклучувајќи и целосно сервисирање на доспеана еврообврзница.

„За траншата со рок од 4 години, каматата изнесува 3,875 проценти, а за траншата со рок од 8 години 4,75 проценти. Со средствата обезбедени преку оваа еврообврзница предвидена во Буџетот за 2026 година ќе се изврши навремена исплата на еврообврзницата издадена во 2020 година, како и сервисирање на останатите обврски кои доспеваат во тековната година“, изјава министерката за финансии, Гордана Димитриеска – Кочоска.

Во наредните пет години, односно заклучно со 2030 година, државата ќе треба да врати 8,8 милијарди евра надворешен и домашен долг. Годинава таа сума изнесува 1 милијарда и 563 милиони евра, а најмногу ќе треба да се врати во 2028 година кога ќе се платат речиси две милијарди евра за сервисирање на долговите. Јавниот долг на државата во третиот квартал од минатата година изнесува 57,6 отсто од БДП односно 9,7 милијарди евра.

Околу одлуката на Уставниот суд да поништи два члена од Законот за минимален глобален данок на добивка, кој беше оспорен поради ретроактивноста, министерката смета дека е погрешен чекор на штета на државата, бидејќи парите од компаниите ќе завршуваат во странство

„Жал ми е затоа што тој данок компаниите ќе го платат во своите матични земји. Целта на минималниот глобален данок е да не ни избегаат парите и компаниите да ги платат во нивните матични земји и да го платат тука. Компаниите не може да избегаат од обврската да го платат тој данок: за данок кој што треба да се плати и ако не се плати тука и ќе се плати во матичната земја е поразително да се откажеме од тоа“, додаде Димитриеска – Кочоска.

Околу солидарниот данок преку кој државата собра 49 милиони евра, а потоа беше поништен од Уставниот суд, од финансии соопштија дека ќе се враќа во две рати во март годинава и во март наредната година. Дел од компаниите се откажале од каматата, а со дел сè уште се преговара, па затоа не може да се пресметка колку дополнително државата ќе треба да се плати.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе