Македонската фудбалска репрезентација ќе добие нов селектор. Фудбалската федерација на Македонија одлучи да не го продолжи договорот на Благоја Милевски, па во баражот за СП 2026 година, селекцијата ќе ја води нов стратег.
Договорот на Благоја Милевски со ФФМ истече на 30 ноември годинава, па Управниот одбор на денешната седница објави дека не ја продолжува соработката со доскорешниот селектор.
Милевски седна клупата на Македонија во август 2021 година откако го наследи Игор Ангеловски по Европското првенство 2021 година. Ја водеше репрезентацијата на вкупно 48 натпревари со ефект од 18 победи, 14 ремија и 16 порази. Под негово водство, Македонија се квалификуваше за два баражи за Светските првенства. Во квалификациите за СП 2022 финиширавме втори во групата, па во баражот ја елиминиравме Италија во полуфиналето, но загубивме од Португалија во финалето.
Во последното издание на Лигата на нации го освоивме првото место во групата и се квалификувавме ранг погоре, односно во Б-дивизијата и токму тој успех ни донесе бараж за Мундијалот во 2026 откако финиширавме на 3.место во квалификациската група.
A-селекцијата имаше најдолга серија без пораз од 14 натпревари, не сметајќи ги пријателските дуели под водство на Милевски. Сепак, во неговиот мандат репрезентацијата ги запиша и двата најубедливи порази во историјата, 7-0 од Англија и 7-1 од Велс, што воедно беше и негов последен дуел на клупата.
Во мартовскиот бараж за Мундијалот против Данска, Македонија ќе биде предводена од нов селектор. Од Управниот одбор на ФФМ му се заблагодарија на Милевски за професионалноста и досегашната работа, но воедно сметаат дека на Македонија и е потребна нова енергија и поинаков мотив во претстојните предизвици. Куќата на фудбалот информира дека најдоцна до 25 декември годинава ќе го назначи новиот селектор на А-селекцијата.
