Македонската машка кошаркарска репрезентација вечерва од 19 часот во салата „Кале“ во Скопје ги почнува претквалификациите за Европското првенство во 2029 година. Прв противник на нашиот тим ќе биде селекцијата на Азербејџан. Целта на Македонија ќе биде освојување на првото место во групата и пласман во следната фаза од квалификациите. Кошаркарската федерација на Македонија одлучи влезот во салата „Кале“ да биде слободен за сите љубители на кошарката.
Селекторот Марјан Илиевски синоќа по последниот тренинг ги одреди конечните 12 играчи кои ќе бидат во ростерот за натпреварот со Азербејџан. Шанса за деби во македонскиот дрес ќе има новиот натурализиран кошаркар Омари Мур. Тој ќе го заземе местото на Џејкоб Вајли, кој исто така тренираше со тимот изминатите неколку денови, но стручниот штаб се одлучи за кошаркарот на евролигашот Валенсија.
„Ме очекува деби во дресот на Македонија. Првите натпревари се секогаш непредвидливи затоа што за тебе ова е нешто ново, но и доста интересни. Се надевам на добар натпревар. Игра по планот и добар меч за навивачите кои ќе дојдат да ни дадат голема поддршка. Среќен сум што станав Македонец и ги повикувам сите да дојдат во сала на натпреварот кој ни следи“, порачува новиот македонски репрезентативец.
Македонија во однос на дуелите од претквалификациите за Светското првенство што се одиграа изминатото лето, овој пат е засилена и со Андреј Јакимовски, а тука е и искусниот Војдан Стојановски. Во тимот се најдоа и Андреј Магдевски, Стојан Ѓуроски, Андреј Митревски, Лука Стојановски, Виктор Ташовски, Теодор Симиќ, Адем Мекиќ, Ваљмир Какруки и Лејсон Зеќири.
Нашиот тим веќе во недела, во рамки на 2.коло ќе има и гостување кај Република Ирска, која денеска игра против Луксембург на гостински терен.
Македонија мора да финишира прва во групата за прогрес во следната фаза од квалификациите, а таму ќе оди и најдобрата второпласирана селекција од трите претквалификациски групи.
Фото: Кошаркарска федерација на Македонија
