Вечерва завршија квалификациите за Светското првенство во Европа по што познати се сите тимови кои директно одат на турнирот и секако оние кои ќе имаат втора шанса за квалификација преку баражот.
Македонската фудбалска репрезентација не успеа да остане непоразена на гостувањето кај Велс, напротив доживеа катастрофален пораз и со тоа го испушти второто место во групата Ј, што ќе ѝ донесеше поповолна позиција пред ждрепката за баражот.
Нашиот тим сега е сместен во четвртиот квалитативен барабан, бидејќи до баражот стигна преку Лигата на нации. Во полуфиналето Македонија сигурно ќе игра на гостински терен, а првиот противник ќе го добие од првиот квалитативен барабан. Таму се наоѓаат селекциите на Италија, Данска, Турција и Украина.
Во вториот барабан се Полска, Велс, Чешка и Словачка, додека во третиот се наоѓаат Република Ирска, Албанија, Босна и Херцеговина и Косово. Освен Македонија, во најслабиот барабан се и селекциите на Романија, Шведска и Северна Ирска.
Ждрепката за баражот е закажана за во четврток (20 ноември) во Цирих, со почеток од 13 часот.
Полуфиналните бараж натпревари се играат на 26-ти март, додека финалните се играат 31 март.
