Уставниот суд му дава уште една шанса на Собрaнието – до крајот на годината да ги смени спорните законски одредби во Кривичниот законик (КЗ) со кои се создава неказнивост за функционерите. Ова го најави претседатлеот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски во „Топ тема“ на Телма. Рокот од шест месеци, кој му го даде судот на законодавниот дом да ги смени спорните законски измени, истече во август, а уставните судии досега имале разбирање поради изборниот процес, но не можат до недоглед да дозволуваат уставна недисиплинираност, вели Костадиновски.
Според претседателот на Уставен, не брзаат со одлука за да не направат понесогледливи штети и да станат исти како оние што ги изгласаа спорните одредби. Ако го укинат измените, ќе се создаде правен вакум, нема да постои членот за злоупотреба на службената положба и ќе значи зелено светло за криминал. Ако го поништи законот, според Костадиновски, ќе се врати во сила претходниот закон, но потенцира дека и меѓу уставните судии има различни ставови за ова прашање. Костадиновски ја истакна и можноста што ја дава Актот, а која досега не била искористена. Да ги укинат законските измени, но со одложено правно дејство.
Од Правда на почетокот на годината најавија брзи измени кои досега не дојдоа пред пратениците. Собранието чека предлог од влада. Зошто самите пратеници не иницираат промени, нема одговор.
„До Собранието на Република Северна Македонија досега нема пристигнато предлог од Владата за Кривичниот законик. Штом пристигне предлог закон од Влада, Собранието ќе ги започне потребните процедури и ќе ја испочитува волјата на пратениците“, нагласуваат од собранието.
Трета година по ред во извештајот на Европската комисија се потенцираат последиците што овие законски измени ги предизвикуваат на борбата против корупцијата. Десетици предмети застареа, меѓу кои и оние на СЈО, а оние на кои им се суди, се соочуваат со драстично пониски казни за едно од најчестите коруптивни дела меѓу функционерите. Надлежните институции и покрај најавите останаа без конкретна реакција.
Елена Ивановска Мукоска
